Во Мајорка се затвораат улици и кафулиња поради неодговорните туристи

Регионалната влада на Балеарските острови нареди затворање на три популарни улици во Мајорка со цел да стави крај на забавите на странските туристи за да се спречи ширење на коронавирусот.

Мерката беше воведена откако неколку снимки покажаа дека британските и германските туристи се забавуваат без заштитни маски во преполни кафулиња и ноќни клубови, а некои дури и пијани скокале на паркирани автомобили.

„Со оваа мерка, сакаме да го запреме дивјачкото однесување што може да загрози сè што сторивме досега за повторно да се отвори туризмот“, соопшти владата на Балеарските острови.

Балеарските острови – Мајорка, Ибица, Менорка, Форментера и Кабрера – беа првите што добија дозвола од шпанската влада за примање странски туристи.

Шпанија, една од земјите најпогодени од коронавирусот, беше затворена скоро стотина дена. Досега се заразени 257.494 жители, од кои 28.413 починале.

Top