Путин тврди дека ова оружје е пред своето време: Русите им го покажале на Американците хиперсоничниот систем за нуклеарни проектили

Руското Министерство за одбрана соопшти дека во вторникот им го покажале новиот хиперсоничен систем за нуклеарни проектили „Авангард“ за прв пат на инспектори од САД.

Русија идниот месец ќе го распореди системот „Авангард“ - станува збор за едно од оружјата за кои Владимир Путин пред неколку месеци истакна дека се „пред своето време“ и дека е без конкуренција.

Од руското Министерство за одбрана соопштија дека на група на американски воени инспектори им бил прикажан системот „Авангард“ во периодот од 24-ти до 26-ти ноември според одредбите на новиот „СТАРТ“ договор.

Овој договор за контрола на нуклеарното оружје помеѓу САД и Русија стапи на сила од 2011-та година. Според договорот, двете најголеми нуклеарни сили на светот не смеат да имаат над 1,550 стратешки нуклеарни боеви глави.

Инаку, договорот истекува во 2021-ва година, а исто така го ограничува и бројот на платформи за лансирање на нуклеарни проектили од копно, подморниц и нуклеарни бомбардери.

Путин порача дека е подготвен да го продолжи договорот, додека пак неговиот американски колега Доналд Трамп, кој во 2017-та година порача дека тој договор е лош за САД, за тоа ќе одлучи во текот на идната година.

Top