Со Мексико владеат картелите! Опсадата поради апсењето на синот на Ел Чапо ја покажа немоќта на државата

Опсадата на Кулиакан во петокот, кога припадниците на нарко-картелот „Синалоа“ го тероризираа градот додека Националната гарда не го ослободи еден од лидерите на криминалната организација, ја покажа немоќта на оваа држава.

Како што пренесува „АП“, мексиканската влада веќе долго време власта во одредени делови од државата им ја препуштила на нарко-картелите.

Незапаметениот напад на припадниците на нарко-картелот „Синалоа“, а потоа и одлуката на властите после борбите кои траеле 12 часа да го ослободат Овидио Гузман Лопез, инаку еден од синовите на познатиот Хоакин Ел Чапо Гузман, ги шокираше Мексиканците, но и светот.

Според многумина, одлуката да се пушти Овидио затоа што „неговите“ направиле хаос, покажува колку големо влијание имаат нарко-картелите и ја потврдиле капитулацијата на Мексико пред криминалните организации.

Градот Агваја во провинцијата Мичоакан исто така бил под целосна контрола на криминалците, но во овој случај станува збор за „Халиско“ бандата. Полицијата веќе одамна ја имала изгубено контролата во градот, а кога минатиот понеделник се обиделе полициски сили да интервенираат, упаднале во заседа и сите 14 полицајци биле убиени и запалени.

Во Мексико владее толку голем хаос, што владата во одредени случаеви испраќа полиција да ги брани границите на картелите. Тоа наводно било дел од стратегијата за избегување на крвопролевања по секоја цена.

Така, во градот Тепалкатепек, полицијата ги контролира патиштата за да спречи меѓусебни судири помеѓу ривалските нарко-картели. Истото го прават и во сојузната држава Гвереро, каде што криминалците ги пуштаат да шетаат вооружени, но не и да преминат на територијата на ривалскиот нарко-картел.

„Ситуацијата во која мексиканските власти уапсија еден од босовите, а потоа го пуштија на слобода е без преседан. Тоа се случува премногу често. Сепак, без преседан е тоа што овде се е направено отворено и без размислување за последиците. Ова на луѓето им испраќа порака дека им нема помош и дека се препуштени на криминалците“, изјави Дејвид Ширк, аналитичар од Универзитетот во Сан Диего.

Top