Ердоган бара нов светски поредок: Нуклеарна моќ за сите, или за никого!

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека нуклеарната моќ би требало да биде слободна за сите или пак целосно забранета.

Според првиот човек на Турција, нуклеарната моќ предизвикува „нееднаквост“ помеѓу државите кои што ја поседуваат и оние кои што ја немаат, а сето тоа според него ја нарушува глобалната рамнотежа.

Турција во 1980-та година го потпиша Договорот за забрана на ширење на нуклеарното оружје, а во 1996-та година и Договорот за забрана за нуклеарни тестирања кој ги забранува сите видови на нуклеарни експлозии, без разлика на тоа која е нивната намена.

Ердоган истакна дека би сакал Турција да ја има истата заштита која што ја има Израел, со оглед на тоа што Израелците најверојатно поседуваат нуклеарен арсенал, иако тамошните власти никогаш досега немаат ниту потврдено, но ниту негирано дека располагаат со такво оружје.

 

„Нуклеарната сила би требала да биде или забранета за сите, или пак достапна за сите“, изјави Реџеп Таип Ердоган на собирот на светските челници на Генералното собрание при Обединетите нации.

Тој исто така ја повика меѓународната заедница да помогне во обезбедувањето на мирот во сирискиот град Идлиб, додавајќи дека воспоставувањето на безбедносните зони ќе спаси милиони животи во Сирија.

Турција која што прими 3,6 милиони бегалци ги контролира северните делови на Сирија, иако на тоа жестоко се противат сириските власти кои тврдат дека станува збор за класична агресија и повреда на сирискиот суверенитет и територијален интегритет.

Ердоган предупреди дека повторно неговата земја би можела да ја отвори рутата за мигрантите кон Европа доколку наскоро не добие соодветна помош. Тој во своето обраќање во Обединетите нации во рацете држеше фотографија од момчето бегалец Алан Курди кое што се удави во близина на турскиот брег и порача:

„Никогаш немојте да заборавите дека ова може да ви се случи и на вам“.

Top