Безмилосна борба за ресурси во Амазонија: Бандите убиле над 300 лица...

Повеќе од 300 лица се убиени во последната деценија во судири на банди поради користење на земјиште и ресурси во Амазонија.

Станува збор за банди кои се поврзани со организации кои што профитираат од огромното илегално сечење на шумите во бразилска Амазонија, објавија од организацијата "Human Rights Watch".

Од целата „војна“ која што се води во Амазонија, само 14 случаи завршиле на суд, објавија од непрофитната организација во нивниот голем извештај кој се темели на 170 интервјуа.

„Тоа навистина покажува колкаво е нивото на неказнување. Истрагата и одговорноста навистина потфрлиле“, изјави Цезар Муњоз од "Human Rights Watch" за британската новинска агенција „Ројтерс“.

 

Околу 60% од амазонската прашума која што се смета за клучна во борбата против климатските промени се наоѓа во Бразил. Оваа година во Бразил порасна уништувањето на прашумата, откако Амазонија беше зафатена од најголемиот број на пожари од 2010-та година.

Од "Human Rights Watch" посетиле неколку бразилски сојузни држави од 2017-та до првата половина на 2019-та година и во објавениот извештај е наведено дека речиси половина од убиствата се поврзани со илегалната сеча на шума во северната сојузна држава Пара.

 

Во градот Ново Прогресо во Пара, тамошните обвинители сметаат дека координирана група на 10-ти август намерно подметнала пожари во прашумата.

Поранешната министерка и претседателска кандидатка Марина Силва изјави дека извештајот е доказ за заостанувањето на Бразил во врска со сочувувањето на околината, додека пак од канцеларијата на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро одбија да дадат коментар за извештајот на "Human Rights Watch".

Top