Геополитички игри: Русите распоредија ракетен систем на местото за кое се интересираат 6 земји

Прес-службата на Северната руска флота извести вчера дека е започната инсталацијата на системите за против-воздушна одбрана „С-400“ на рускиот архипелаг на Арктикот - Нова Земја.

Русија во последните години ги интензивираше воените, трговските и истражувачки активности на Арктикот со изградба на транспортни и енергетски постројки, како и развој на Северниот морски пат како дел од североисточниот премин кој ја поврзува Европа со Азија.

„Против-ракетниот полк на Северната флота е поставен на островот Јужни во архипелагот Нова Земја и целосно е опремен со новите системи „С-400“. Новите системи на против-воздушна одбрана ја прошируваат воздушната зона која ја контролира нашата војска“, стои во соопштението на руската армија.

Некои земји, вклучувајќи ги Соединетите Американски Држави ја критикуваат зголемената воена активност на Русија во овој регион. Одговарајќи на критиките, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија не се заканува на никого, туку тоа е само гаранција за одбраната на земјата.

Во обидот да се избегнат конфликтите на Арктикот, главните сили во регионот - САД, Канада, Данска, Финска, Исланд, Норвешка, Шведска и Русија основаа Арктички совет, форум за меѓувладина соработка на кој на секои шест месеци се состануваат официри, а на секои две години се состануваат и министрите на земјите.

Русија ја зајакна својата моќ во Арктичкиот регион и воспостави контрола над клучните поморски патишта, додека пак Кина исто така вложува напори за влез во регионот, зголемувајќи го своето воено присуство.

Сфаќајќи ја важноста на регионот, американски Пентагон планира да спроведе вежби и да формира експедициски групи на маринци способни да делуваат во арктичко опкружување, како и да го зголеми партнерството со сојузниците во одбрана на важните поморски патишта во регионот.

Top