Путин е на власт 2 децении, а сега се соочува со најголемиот предизвик

Рускиот претседател Борис Јелцин пред 2 децении го именуваше својот четврти премиер за помалку од година и пол. Тоа беше релативно непознатиот Владимир Путин, тогашниот шеф на државната служба за безбедност „ФСБ“ со скромно политичко искуство.

Јелцин беше во заминување и бараше свој наследник, но малкумина можеа да поверуваат дека две децении подоцна Владимир Путин и натаму ќе владее со Русија и ќе биде еден од најдоминантните лидери во светот.

20-годишнината од власта на Путин во Русија се случува во период на неизвесност во неговото владеење. Поддршката на Путин и натаму е висока, но факт е дека опаѓа поради стагнацијата на руската економија и нарушувањето на ионака скромниот животен стандард кој го имаат мнозинството од Русите.

Во изминатиот период во Москва беа уапсени илјадници демонстранти во најголемите немири од враќањето на Путин во Кремљ во 2012-та година откако четири години беше премиер на земјата. Моментално 66-годишниот Путин се соочува со „сопствена драма“ во врска со неговиот наследник.

 

Според рускиот устав, ова е неговиот последен мандат, но после елиминацијата на политичката конкуренција (еден опозиционер беше убиен, друг е константно по затвори) и превземањето на контролата над медиумите, засега нема кандидат избран од народот кој би можел да го замени. Поради тоа, аналитичарите сметаат дека мала е веројатноста Путин да се повлече од власт и по завршувањето на неговиот мандат во 2024-та година. Рускиот устав веројатно ќе претрпи измени, а Путин ќе стане најдолговечниот руски лидер уште од озлогласениот диктатор Сталин.

Либералот Путин стана султан

Многу работи изгледале поинаку кога Путин за прв пат победи на претседателските избори после ерата на Јелцин.

„Русија и покрај сиромаштијата и проблемите со криминалот и натаму беше демократска, либерална земја. После 20 години на власт, денес Путин не е ограничен во ниту еден поглед, тој практично е султан“, изјави угледниот новинар Николај Сваниџе кој често го интервјуираше Путин за време на неговите почетоци во Кремљ.

 

Политичкиот аналитичар Константин Калачев изјави дека Путин почнал како либерал кој бил подготвен да соработува со Западот, но со текот на времето станувал се поконзервативен и заземал поагресивни ставови.

„До пред петнаесетина години се уште имаше политички живот во Русија, а изборите беа компетитивни“, изјави Калачев кој смета дека презирниот однос на Западот кон Русија со текот на времето го сменил и однесувањето на Путин и воведувањето на неговите „тврди линии“.

Либералните Руси сепак од самите почетоци се двоумеле околу Путин, не само поради неговото минато во „КГБ“, туку и поради острото сузбивање на чеченските сепаратисти додека беше премиер. Цврстиот одговор на Путин на чеченската криза ја зголеми неговата популарност и му донесе победа на претседателските избори со освоени 53% од гласовите.

 

Го врати достоинството

Тој и натаму ужива голема популарност и многумина уште сметаат дека го вратил достоинството на Русите после понижувачкото распаѓање на Советскиот сојуз. Путин сега бара начин како да го напушти Кремљ, но истовремено да го задржи влијанието, смета аналитичарот Грегориј Бовт.

Бовт смета дека можно е во Русија да биде наскоро формирана нова институција, еден вид на колективно тело кое ќе управува со земјата, а Путин ќе биде на чело. Според него, не би требало Путин да го менува уставот за да го задржи влијанието.

Доколку биде на чело на тоа колективно тело, Путин ќе се оддалечи од владеењето со Русија: „Но и натаму ќе ја надгледува земјата“.

Top