Драма на аеродромот во Амстердам: Се судрија два авиони

Два патнички авиони се судрија на аеродромот „Шипхол“ во Амстердам, а за среќа, во инцидентот нема повредени.

Авионите им припаѓале на авиокомпаниите “EasyJet” и “KLM”, а до судирот дошло откако аеродромското возило туркало еден од авионите од гејтот, пренесуваат холандските медиуми.

Авионот на авиокомпанијата “KLM” од типот “Boeing 737-800” бил на лет за Мадрид, додека пак авионот “Airbus A320” на “EasyJet” требало да полета за Лондон. Патниците поминале без повреди после судирот и набрзо потоа биле префрлени во други авиони, а аеродромските служби веднаш отвориле истрага.

Холандските медиуми пренесуваат дека еден од авионите бил прилично оштетен, меѓутоа целиот инцидент не влијаел врз другите летови.

Инаку, од почетокот на годината ова е веќе втор судир на авиони на аеродромот во Амстердам. Во февруари се судрија два авиони на “KLM” додека еден од авионите исто така бил туркан од аеродромско возило кон гејтот.

Овој инцидент се случува непосредно откако холандската влада донесе одлука да се зголеми бројот на летови преку „Шипхол“, така што сега е предвидено на годишно ниво на амстердамскиот аеродром да има над 500 илјади летови.

Top