Истрагата покажа дека Саудиска Арабија го убила Кашоги и сè било испланирано

Саудискиот новинар Џамал Кашоги е жртва на “намерна, претходно испланирана егзекуција”, се наведува во првата независна истрага спроведена од Обединетите нации околку неговата смрт.

Во долго очекуваниот извештај кој е штотуку објавен, специјалната истражувачка за вонсудски убиства, Агнес Каламард го наведува и виновникот: Саудиска Арабија е, според меѓународното право, одговорна за убиството на Кашоги, пренесува "CNN". 

Истакнатиот новинар и колумнист на “Washington Post” бил убиен откако влегол во саудискиот конзулат во Истанбул во октомври 2018 година. Саудијците на почетокот тврделе дека Кашоги излегол од конзулатот и бил убиен во инцидент со непријателски саудиски агенти, но на крајот саудискиот јавен обвинител признал дека убиството на новинарот било испланирано.

Меѓутоа, специјалната истражувачка не изнела други заклучоци за вината на контроверзниот саудиски принц Мохадем бин Салман. Но, Каламард тврди дека постојат “уверливи докази кои бараат понатамошна истрага од страна на меродавната власт” за тоа “дали е преминат прагот на казнена одговорност”.

Таа додала и дека Кашоги бил “потполно свесен за моќта која ја држи принцот” и изразувал страв за тоа што ќе му се случи доколку се врати во Саудиска Арабија, од каде побегнал во САД.

 

Саудиска Арабија продолжува да инсистира на тоа дека ниту принцот Мохамед бин Салман ниту кралот Салман не знаеле ништо за планираното убиство на Кашоги. Меѓутоа, американски официјални претставници тврдат дека таквата мисија која вклучува 15 саудиски агенти кои од Ријад заминале во Истанбул непосредно пред убиството, не можела да биде извршена без дозвола на принцот Бин Салман.

Top