Борис Џонсон му се заканува на Брисел: Ако станам премиер нема да ја платиме сметката за Брегзит

Борис Џонсон, кој е фаворит за местото британски премиер, предупредил дека доколку дојде на таа функција, ќе одбие Велика Британија да му плати на Брисел сметка за Брегзит, се додека ЕУ не прифати подобри услови за нејзино повлекување од членството.

"Нашите пријатели и партнери треба да сфатат дека парите ќе бидат задржани додека не добиеме јасни ставови за патот кој го одиме", изјавил Џонсон, поддржувач на Брегзит во интервјуто за весникот "Sunday Times" и додал дека парите се одлично средство за "подмачкување". 

Тоа е прва изјава на Џонсон од официјалната оставка на премиерката Тереза Меј, поднесена во петокот на 7-ми јуни.

Договорот меѓу Лондон и Брисел за Брегзит, кој британскиот парламент го отфрлил неколку пати, предвидува регулирање на финансиските обврски на Велика Британија по основа на повеќегодишниот буџет за ЕУ за периодот 2014-2020 година.

 

Во текстот од договорот не се наведува износот, туку методот на пресметката. Британската влада претходно споменувала дека тоа е од 40 до 45 милијарди евра, што ЕУ не го потврдила.

Тереза Меј, која поднела оставка поради неуспехот да ги увери пратениците да го прифатат договорот за Брегзит, ќе остане на должноста премиер до изборот на нов лидер на владејачката конзервативна партија кон крајот на јули, кој, според британскиот систем, ќе стане и шеф на владата.

Водечки кандидат за тоа е 54-годишниот Џонсон, кого според кретенките од името го нарекуваат и "Боџо".

Тој бил еден од главните архитекти на победата на Брегзит на референдумот во јуни 2016-та година. Тој сака Велика Британија да ја напушти ЕУ на 31-ви октомври, без разлика дали ќе се преговара повторно.

Популарен меѓу членовите на својата партија, пратеник и поранешен контроверзен новинар, градоначалник на Лондон и министер за надворешни работи, меѓутоа, предизвикува спротивни реакции кај пратениците.

Британскиот суд на 7-ми јуни ја отфрлил тужбата против Џонсон поради лагите за време на кампањата пред референдумот за Брегзит. Бил обвинет дека свесно лажел кога како градоначалник на Лондон тврдел дека Велика Британија плаќа 350 милиони фунти неделно на Брисел.

Top