Политички потрес на Островот: Британската премиерка утре поднесува оставка?

Британската премиерка Тереза Меј утре ќе поднесе оставка, стои во денешното издание на угледниот весник „Тајмс“.

„Тајмс“ како причина за оставката на Меј ја наведува побуната на членовите на нејзиниот кабинет после објавата на најновиот план за спроведување на Брегзит, односно напуштањето на Велика Британија на Европската унија.

Како што пренесува „Тајмс“, Тереза Меј уште во текот на вчерашниот ден била на работ да поднесе оставка, но сепак се откажала за „одлучно да ја заврши кампањата за изборите за Европскиот парламент“.

 

Но, нејзините советници веруваат дека таа ќе го напушти премиерското место после состанокот со Сер Грехем Бреди, член на Комитетот 1922 во кој преовладува струјата на конзервативците кои се против Тереза Меј и одлучно за Брегзит.

Иако долго им одолеваше на притисоците од сопствената партија да се повлече од премиерското место, Меј поради побуната на своите министри конечно се најде во ситуација во која нејзиното останување на чело на британската влада веќе едноставно не е возможно.

 

Кога на тоа ќе се додаде дека владата на Меј досега ја напуштија дури 36 лица, од кои последна беше Андреа Лидсом која се повлече доцна синоќа, јасно е дека Меј не ужива поддршка во својата партија.

Повлекувањето на Тереза Меј ќе значи дека некој друг од Конзерватиците ќе мора да дојде на нејзино место и да го спроведе Брегзит, а доста е помала веројатноста дека ќе дојде до нови избори на кои Лабуристите на чело со Џејмс Корбин евентуално би ја освоиле власта.

Top