Американците „ги горат“ џихадистите со бел фосфор: Што се случува во последното упориште на Исламската држава?

Курдските про-американски сили повторно организираа напад на последното упориште на џихадистите во Сирија – населеното место Багуз.

Од Сириските демократски сили составени од курдски и арапски борци, откриваат дека деновиве нападите сопреле за да биде евакуирано цивилното население, па сега, откако било сторено тоа, започнува нова офанзива.

Сепак, што се случува точно во Багуз тешко е да се каже. Американскиот претседател Доналд Трамп минатата седмица порача дека нападот е готов и дека Исламската држава е поразена, меѓутоа Курдските сили и натаму војуваат против Исламската држава, иако и некои нивни генерали истакнаа дека борбите се при крај.

 

Мустафа Бали, портпарол на Сириските демократски сили потврди дека нападите продолжуваат затоа што било утврдено дека повеќе нема цивилно население во Багуз. Но, истото го порача и пред една седмица.

Сега, Бали тврди дека најжестоките борци на Исламската држава и натаму упорно ги бранат своите позиции во сирискиот град, додека курдските борци уште пожестоко притискаат настојувајќи да го скршат отпорот, кој очигледно е премногу силен.

Истовремено пристигнуваат информации дека Сириските демократски сили имале потреба од помош од своите сојузници, па затоа во борбите се вклучило и американското воено воздухопловство.

Неколку дена претходно, се појавија првите информации дека американското воено воздухопловство користи и забрането оружје – бел фосфор во борбата против џихадистите, па можеби и тоа е неопходното средство за уништување на последното упориште и крајот на Исламската држава.

Top