Жени во Сиднеј со голи гради бараат Австралија што побрзо да ја прими пребеганата саудиска тинејџерка Рахаф

Четири жени, кои себеси се нарекуваат Тајно сестринство, протестирале во Сиднеј топлес во знак на поддршка на Саудијката Рахаф Мухамед ал Кунун (18) во моментите кога Австралија почнува да го разгледува нејзиното барање за престој во таа земја како бегалец.

Тие протестирале пред саудискиот конзулат и ја повикале Австралија што побрзо да и одобри престој на пребеганата саудиска тинејџерка.  

Рахаф ал Кунун, која побегнала од семејството и се забарикадирала во еден хотел во Бангкок, добила вчера статус на бегалец од ОН, а нејзиниот случај го преземала Австралија.

Таа тинејџерка во саботата, на 5-ти јануари, го објавила својот случај на Твитер и успеала да ја алармира целата меѓународна јавност. Благодарение на брзата реакција на твитерџиите, кои ја прошириле нејзината објава по останатите социјални мрежи, многу луѓе ширум светот ги алармирале своите влади да и помогнат на Рахаф, која побегнала од семејството во страв за својот живот. Во понеделникот реагирале и ОН и пратиле свои луѓе да разговараат со девојката, а потоа се тргнало на подобро.

Основачот на австралиското Тајно сестринство, Џеки Лав, изјавила дека тие одлучиле да се појават топлес бидејќи веруваат дека жените треба да имаат право да се изразат и за да пратат порака до Рахаф дека таквата слобода во Австралија е можна. Тајното сестринство основало и "GoFundMe" сметка, на која веќе се собрале 2.290 долари за Ал-Кунин.

Австралиската министерка за надворешни работи, Мариз Пејн, изјавила денес дека нема временски рок за проценка на случајот Рахаф.

"По препорака на UNHCR, Австралија сега минува низ чекори кои мораме да ги направиме во врска со процесот на проценка и кога се ќе биде комплетно, ќе имаме објава", рекла Пејн, која денес пристигнала на Тајланд токму поради случајот со Рахаф.

А Рахаф веќе ужива во новостекнатата слобода. "Сега можам да правам што сакам", напишала на Твитер.

 

Top