Орбан: Моја должност е да му се спротиставам на Макрон, тој е лидер на промигрантските сили

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан изјави дека францускиот претседател Емануел Макрон е лидер на промигрантските сили во Европа и поради тоа чувствува должност да му се спротистави.

„Нема сомнеж дека Емануел Макрон е важна фигура, тој е лидер на промигрантските сили. Тоа не е ништо лично, туку прашање на иднината на нашите земји“, изјави Орбан и додаде:

„Доколку во Европа се материјализира тоа што тој го сака во поглед на миграцијата, тоа би било лошо за Унгарија. Поради тоа, мора да се борам против него“, изјави Орбан на конференцијата за медиуми.

Тој претходно порача дека би сакал да види анти-имиграциските партии да остварат мнозинство на изборите за Европскиот парламент закажани за мај оваа година. Според унгарскиот премиер, тоа би водело кон слични промени и во извршната власт на Европската унија.

„Првата цел на Унгарија е да обезбеди анти-имигрантско мнозинство во Европскиот парламент, а потоа и во Европската комисија. На крајот, како што на националните избори ќе се менува „политичкиот пејзаж“ на континентот, ќе следува и Европскиот совет каде што националните лидери ги носат најважните одлуки во Европската унија“, изјави Орбан.