Вооружени разбојници сеат страв по Скопје

Вооружени разбојници постојано напаѓаат недолжни граѓани и ги ограбуваат низ улиците на Скопје во вечерните часови, и тоа во сите делови на градот. Полициските билтени се преполни со вакви случаи, што укажува на тоа дека уличниот криминал, проследен со насилство, најверојатно е во голем пораст.

Таков инцидент се случил во саботата, во околу 01.25 часот по полноќ, во центарот на Скопје, информира МВР. Три непознати машки лица, вооружени со пиштол, извршиле разбојништво над Н.С. (17) , Б.Д. (18) и Д.И. (18) сите од Скопје. Напаѓачите на трите момчиња им зеле 1.240 денари и побегнале. Нападнатите, преплашени случајот го пријавиле во полиција, а МВР соопштува дека „се преземаат мерки за расчистување на случајот“.

Околу четири часа претходно, крадец вооружен со нож влегол во аптека на улицата Бутелска. Тој им се заканил на вработените С.Ѓ. (57) и Е.И. (23), дека ќе ги убие, ако не му ги дадат парите од дневниот промет. Тие му ги дале парите, по што разбојникот побегнал.

Кражба проследена со физичко насилство се случило во петокот во 19.50 часот, во паркот „Жена Борец“ во центарот на Скопје. Полициските информации велат дека десетина непознати лица физички го нападнале скопјанецот Д.П. (21). Тие го удирале со тупаници, го собориле на земја и почнале да го удираат со клоци. Во тепањето од рака му го украле часовникот и побегнале. Претепаниот случајот го пријавил во полиција, а МВР соопштува дека „се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата“.

Еден ден претходно, скопските полицајци упасиле две лица, осомничени за тешки кражби. Интересно е што едниот од нив извршил кражба на многу дрзок начин, ограбувајќи мајка која туркала детска количка со своето мало дете во близина на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје и тоа во 10 часот наутро.

„Секторот за внатрешни работи Скопје со две кривични пријави до надлежното Основно јавно обвинителство – Скопје ги предаде лицата А.Б. (44) од Скопје, осомничен за кражба и Џ.Б. (44) исто од Скопје, осомничен за две тешки кражби.

А.Б. на 4 октомври во период меѓу 10.00 и 10.30 часот на улицата Московска и се доближил на жена, која во тој момент туркала детска количка, по што ја протнал раката во количката каде бил нејзиниот паричник, го зел и почнал да бега. Но, непосредно по ова бил забележан од полицајци и бил фатен и приведен. Кај него бил најден паричникот и и’ бил вратен на оштетената жена.

Џ.Б. во периодот од 05 до 13-ти, минатиот месец, во попладневните часови на подрачјето на Скопје, извршил тешки кражби во возила. Имено, откако ќе се приближел до возилата, со употреба на погоден алат, го кршел задното стакло и со протнување на раката одземал чанта и ранец и без да биде забележан од никого го напуштал местото. По превземени мерки Џ.Б. е лишен од слобода а украдените предмети се вратени на оштетените“, наведено е во полицискиот билтен.

loading...