Град Скопје започна акција за уредување на левата страна од кејот на Вардар

Град Скопје денеска почна со уредување на кејот од левата страна на реката Вардар, кој е неуреден, запуштен, неосветлен, без велосипедска патека и рекреативни содржини. Во текот на наредниот месец на терен ќе работат екипите на јавните градски претпријатија „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Водовод и канализација“ и „Улици и патишта“.

Како што кажа градоначалникот Петре Шилегов прво ќе го исчистат потегот, а онаму каде што е потребно ќе ги обноват патеките, ќе го уредат зеленилото и ќе го заменат осветлувањето. Во акцијата ќе се вклучи и УНДП преку имплементација на проект за поставување урбана опрема.

„Оваа страна од регулираното корито на реката Вардар беше чудно запоставена и токму поради таа запоставеност во последниве две и пол години во неколку наврати тука имавме акции за расчистување мини депонии. Сега, левата страна на коритото целосно ќе ја уредиме за граѓаните да ја користат како што ја користат десната страна, односно ќе ја изедначиме и по квалитет на инфраструктурата и според можностите што се нудат на граѓаните“, рече градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на акцијата за чистење.
Постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан најави дека по чистењето на овој коридор, ќе продолжат соработката со Град Скопје и ќе ги собираат идеи од граѓаните како најдобро може да се искористи овој простор од двете страни на реката.

Градот Скопје апелира до сите граѓани да бидат совесни во одржувањето на хигиената на овој простор и на тој начин да дадат скромен, но многу важен придонес во заштитата на животната средина.

Top