Скопје трета година по ред ќе остане без забавен парк за најмладите

Некогашниот Луна парк од 70-тите години на минатиот век се сруши во 2016 година, а Градот Скопје веќе трета година по ред не успева да изгради нов забавен парк за најмладите жители на главниот град. Градските власти постојано си играат пинг-понг со идеите околу завршувањето на омиленото катче за дечиња, додека во реалноста во паркот од предвидениот Луна парк има само рушевина. Наместо одговори, актуелното градско раководство ветува дека во 2019 година овој зафат ќе се реализира по нов целосно нов проект.

Градските власти во текот на минатата година во два наврати го сменија концептот за финансирање на доградбата на Луна паркот – градоначалникот Петре Шилегов пролетта најпрво вети дека забавниот парк ќе се даде под концесија, така што приватниот партнер би инвестирал во довршување на милионскиот проект. Сепак, веќе во декември 2018 година, Градот Скопје во својот буџет за 2019 година го вметна и проектот за довршување на забавниот парк со сопствени средства.

Во меѓувреме, додека градската администрација го менува начинот на финансирање на проектот, на терен, во Градскиот парк никнува „барокна“ капија што ќе служи како влез во идниот парк. Неа ја гради струмичката фирма „Жикол“, која што во август 2016 година го склучи договорот со претходното градско раководство за изведба на градежниот дел од Луна паркот. Тогашниот договор од над 1,6 милиони евра подразбира изведба на сите инфраструктурни приклучоци за идниот парк, неопходните простории за вработените, пешачките патеки, осветлувањето, главната капија и оградата на паркот.

Во изјава на Градот Скопје за порталот „СДК.МК“ се вели дека со овогодинешниот градски буџет се планирани 1,3 милиони евра за изработка на нов проект, набавка на реквизити и довршување на градежниот дел од паркот. Останува нејасно колку ќе чинат промените во градежниот дел од проектот.

Новиот забавен парк во Скопје беше предвидено да чини 6,5 милиони евра во согласност со првичниот проект. Неговата изведба подразбираше поставување на 26 реквизити за возење и забава, меѓу кои и два адреналински, шест семејни и 18 детски реквизити. Претходната градска администрација потпиша и договор за набавка на првите седум реквизити во вредност од над 2,1 милион евра, но останува неодговорено прашањето од Град Скопје што се случува со нивното доставување и монтажа во Градскиот парк.

Top