Градот ќе им наплаќа такса на кафулињата ако ги застаклат терасите

Нова обврска за скопските кафеанџии. Градот Скопје одлучи да не им ги урива терасите, туку да им ги наплати.

Тие од идната зима ќе мора да плаќаат дополнителни 15 денари за квадратен метар јавна површина на која ќе ги постават застаклените тераси. На пример, за сто квадрати тераса, месечно трошокот ќе им биде 750 евра.

Тоа ќе им биде давачка плус, покрај надоместокот за поставување урбана опрема кој го плаќаат и сега. Тој надомест, според Законот за комунални такси, се движи меѓу пет и 15 денари, во зависност од атрактивноста на локацијата.

Одлуката денеска ја потврди и Советот на Скопје, а образложението е дека мора да се стави ред во поставувањето затворени тераси. Досега сопствениците на локали, кои имаа маси и столчиња и надвор од објектите, на јавните површини низ градот, терасите ги поставуваа на диво.

Одобрение имаа само за поставување на опремата, но не и на монтажните конструкции. Новата одлука ќе се применува само во зимскиот период од ноември до март, а ќе започне од идната зима за да им се даде на дуќанџиите период на приспособување.

Советот одлучи и да ги одвои постапките за добивање одобрение за поставување урбана опрема и постапките за добивање одобрение за вршење дејност надвор од деловен простор. Локалите што не поставуваат опрема на јавна површина, туку во сопствен двор, ќе треба да го имаат само второто одобрение.

Тие нема да мора да го плаќаат ниту надоместот за застаклување на терасите. Дозволите ќе ги добиваат за период од една година, а не како досега за летна и зимска сезона. Целта на измените, велат во Градот, е воведување нови стандарди во поставувањето урбана опрема на јавните површини во Скопје, со цел унапредување на квалитетот на живот на граѓаните.

Top