Илјада американски војници тргнуваат кон границата со Мексико

Американскиот министер за одбрана, Џејмс Матис го одобри испраќањето на војници на американско-мексиканската граница.

Оваа одлука на Џејмс Матис доаѓа како поддршка на настојувањата на американсккиот претседател Доналд Трамп да го спречи влегувањето на илегалните мигранти од Централна Америка кои што се приближуваат кон американско-мексиканската граница.

Високи функционери од американското министерство за одбрана кои што сакале да останат анонимни, за американските медиуми откриле дека одобрувањето на Матис не опфаќа точен број на војници кои што ќе бидат испратени на границата, туку тоа ќе биде одредено подоцна.

 

Исто така, одобрувањето на министерот Матис само по себе не е „налог за разместување на војници“, иако јасно е дека администрацијата на Доналд Трамп речиси сигурно деновиве ќе нареди испраќање од 800 до 1,000 војници на границата.

Припадниците на американската армија ќе им помагаат на припадниците на граничната патрола, а засега не е предвидено испраќање на борбени сили.

Како што е познато, Доналд Трамп досега во неколку наврати го повтори ставот дека нема да дозволи илегалните мигранти да влезат на американска територија. Американскиот претседател неодамна на „Твитер“ порача дека мигрантите ќе бидат сопрени и за тоа ќе му помогне армијата.

„ Брендон Џад од Советот за Националната гранична патрола е во право кога вели дека законите се донесени во духот на Демократската партија и тие го отежнуваат сопирањето на луѓето на границите. Тоа мора да се промени, но сега ја доведувам војската на границите. Тие ќе бидат сопрени“, порача Доналд Трамп на „Твитер“.

Инаку, станува збор за караван на мигранти кој се проценува дека брои околу 14 илјади луѓе претежно од Хондурас и Гватемала. Откако тие успеаа да ја пробијат границата помеѓу Гватемала и Мексико, сега се приближуваат кон американско-мексиканската граница.