Општина Центар, ПОЦ и СВР Скопје започнаа кампањата „Паркирај совесно“

Од денеска во општина Центар започнува едукативната кампања за безбедност во сообраќајот „Паркирај совесно!“, која е организирана во соработка на општината со ПОЦ и СВР Скопје.

Целта на кампањата е подигање на сообраќајната свест и култура на повисоко ниво, зголемување на одговорноста кај возачите и укажување на важноста и потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи.

„Апелирам до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да не ги паркираат своите возила пред објекти, коловози, тротоари, зелени површини, пешачки патеки и други слични површини кои не се наменети за паркинг“, рече на прес-конференција градоначалникот, Саша Богдановиќ.

Во наредните 2 месеци, ќе се емитуваат 8 едукативни видеа со јасни пораки кои треба да придонесат да се изгради совесност за одговорно учество во сообраќајот и ќе ги потенцираат местата на кои возачите не смеат да запрат или да го паркираат своето возило. Исто така, еднаш неделно ќе се објавува по едно едукативно видео на неколку национални телевизии, македонски интернет портали и на социјалните мрежи.

„Во склоп на кампањата, ќе се поставуваат летоци на паркираните автомобили на паркиралиштата со кои стопанисува ЈП ПОЦ кои ќе повикуваат на совесно паркирање. ЈП ПОЦ, Општина Центар и СВР Скопје ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно паркирани автомобили во Центар се додека трајно не се реши сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање“, информираат од општината.

Top