Скопската тврдина ќе добие лифт и два тунелa

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов очекува во текот на наредната година да почне изградбата на тунелите под Кале за кои вели дека ќе придонесат за новиот изглед и функционалност на Скопје.

– Објавен е јавен повик за идејно решение и проектирање на вијадуктот, тунелите под Кале и сообраќајното решение на излезот од тунелите. Очекувам до крајот на оваа година да добиеме доволно квалитетна документација и во текот на наредната година да објавиме тендер за започнување на градежни работи и конечно отпочнување на изградбата на тунелите -рече Шилегов на денешната седница на Советот на Град Скопје посветена на советнички прашања.

Тој нагласи дека проектот за изградба на тунелите е предвиден уште во далечната 1965 година и додаде дека ќе придонесе во голема мерка за зголемување на функционалноста на Градот.

– Очекувам ова време наредната година да го избереме изведувачот на тунелите кои што ќе бидат со должина од 250 метри. На две места во тунелите ќе има автобуски станици со должина од 40 метри. Патниците ќе се искачуваат горе на Калето со лифтови – најави Шилегов на брифинг со новинарите.

Идејата за тунел под Кале и пробивање на булеварот “Св. Климент Охридски” постои уште во 1955 година. Главната придобивка од реализацијата на проектот е растоварување на целиот сообраќај кој минува преку Бит-пазар, а особено метежот на крстосницата кај Судска палата, каде што е проценето дека дневно поминуваат и над 86.000 возила.

Top