Претседателот Иванов стави вето на Законот за употреба на јазици

Еден ден пред истекот на рокот кој претседателот Ѓорге Иванов го имаше за одлучување, соопшти дека става вето на законот за Законот за употреба на јазиците. Во своето обраќање доцна попладнево Иванов повтори дел од ставовите изнесени во неговото годишно обраќање – дека е злоупотребено европското знаменце на законот и дека со него се воведува скап паралелизам во сите органи на државната власт што води кон нивна целосна блокада и опасност да се отвори прашањето за уставното редефинирање и загрозување на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија.

„Уште пред да биде изгласан, во повеќе наврати укажав дека не е добро кога прашања кои се веќе апсолвирани повторно да се отвораат заради добивање на краткорочни политички поени, а на штета на трајните интереси на Република Македонија и македонскиот народ. Затоа, имајќи ги предвид моите согледувања за неусогласеноста на Законот за употреба на јазиците со Уставот, но и изнесените укажувања на експертската и пошироката јавност за противуставноста на овој закон, а врз основа на член 75 од Уставот на Република Македонија, донесов одлука да не го потпишам указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците“, вели Ѓорге Иванов – претседател на Република Македонија

Иванов истакна дека испратил писмо до Собранието дека не ставил потпис на указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците со деталното правно образложение на неговата одлука. Тој ги повика пратениците внимателно да ги разгледаат неговте забелешки.

Во услови кога Иванов не стави потпис на законот, Собранието повторно го разгледува во рок од 30 дена од денот на донесувањето. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот. Потоа законот се става на гласање и доколку биде усвоен со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот не е должен да го потпише указот, стои во Уставот.