МВР не сака обука од лидерот на „Шарената револуција“: ОБСЕ ни донесе предавач кој напаѓа полицајци

Министерството за внатрешни работи (МВР) изрази жалење за скандалот во однос на инцидентот на Државниот универзитет во Тетово (ДУТ) каде требаше да се одржи регионалната работилница организирана од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, и истакнува дека револтот на полициските службеници кои го искажале со напуштање на просторијата, е разбирлив со оглед на фактот што во улога на предавач, односно инструктор се јавува лице кое секојдневно ја напаѓа и навредува полицијата.

„Министерството за внатрешни работи јавно апелира до Мисијата на ОБСЕ во Скопје во иднина да прави проверки кого ангажира, бидејќи е неприфатливо лица кои нанесуваат штети од стотици илјади евра, кои рушат споменици, ја напаѓаат и навредуваат полицијата во исто време да бидат и нејзини едукатори“, се наведува во писмената реакција на МВР.

Без наведување на поединости за инцидентот, Министерството постетува дека во минатото со Мисијата на ОБСЕ во Скопје имаат заедничка и повеќе од успешна соработка со голем број на реализирани проекти, работилници и обуки, за кои се надеваат дека ќе продолжат и во иднина.

Според дел од медиумите и порталите, станува збор за ангажманот како преведувач на Павле Богоевски, кој е познат како граѓански активист на социјалните мрежи и еден од предводниците на ткн „Шарена револуција“, а полицајците реагирале со демонстративно напуштање на работилницата затота што го препознале „како лице кое секојдневно ги навредува полицајците, ги гаѓа со боја, им посакува смрт“. 

Павле Богоевски е поранешен асистент на Факултетот за безбедност во Скопје и поранешен ментор во Полициската академија кој беше избран од страна на партнерот на проектот, Хелсиншкиот комитет, за да одржи презентација во врска со мапирањето на случаите на кривични дела од омраза. 

Top