Испечатете ја страната
Молзење, пакување и чување магарешко млеко – дел од програмата за дадените средства од „Еразмус+“

Проектот за кој СОЗШУ „Ѓорче Петров“ од Кавадарци аплицираше и доби грант од 83 илјади евра преку „Еразмус+“ програмата деновиве предизвика бура на реакции во јавноста. Од училиштетот преку фејсбук-статус ја образложуваат својата апликација.

Ви го пренесуваме во целост.

Појаснување за проектот:

Националната агенција за европски образовни програми и мобилности, во рамки на Еразмус+ програмата, го одобри за финансирање проектот на СОЗШУ „Ѓорче Петров“кој вклучува практична обука на 35 ученици и 5 наставници, во времетраење од две недели во Иваниќ град, Република Хрватска.

СОЗШУ „Ѓорче Петров“ поседува винарска визба, шуми и полиња на кои се одгледуваат различни култури и реализира голем дел од практичната обука на сопствениот имот. Но, училиштето нема фарма за животни каде може да ги реализира практичните часови за сточарство. Затоа, училиштето во рамките на долгорочната Стратегија за интернационализација на образованието, предложи проект кој вклучува обука за копитари, пред се за коњи и магариња.

Целтта на овој проект е учениците да се стекнат со вештини (вклучително и претприемачки вештини), со кои ќе бидат подобро подготвени за професионалниот свет и со тоа ќе се подобри нивната вработливост по завршување на средното образование. Проектот, меѓу останатото, е дизајниран и да ги воведе и мотивира учениците да започнат сопствен бизнис.

Обуката за копитари ќе се спроведе на фарми за магариња и коњи лоцирани во Иваниќ Град, Хрватска и ќе биде структурирана во 4 модули:
Модул 1: Вовед во грижа за магаре и коњ.
Модул 2: Вовед во здравствена заштита на магаре и коњ.
Модул 3: Запознавање со локалните раси на магариња (приморско – динарско магаре, хрватски посавац) и прочуената раса на коњи – липицанер.
Модул 4: Вовед во производство и преработка на млеко од магаре.

Со учество на овој проект, учениците ќе го подобрат своето знаење за копитари и ќе се стекнат се следниве вештини и компетенции:
· ќе стекнат теоретско и практично знаење за основање на фарма за магариња и коњи;
· ќе научат како правилно се хранат магарето и коњот, времето на хранење, начинот на подготвување храна и др.;
· ќе знаат да го проверат здравиот статус на магарето и коњот и доколку има потреба да побараат ветеринарна интервенција;
· ќе научат кога е соодветно време за молзење, начинот на молзење и собирање магарешко млеко;
· ќе научат како се пакува и чува магарешкото млеко.

По надминување на состојбата со ковид-19 и создавање на услови за патување училиштето ќе објави повик за учество во обука на кој ќе можат да се пријават сите заинтересирани ученици и наставници.