За три месеци македонски општини на Цеца, Кеба и Данијела потрошиле 150.000 евра!

За неполни три месеци, естрадните ѕвезди како Цеца, Кеба и Данијела Мартиновиќ извлекле речиси 150.000 евра од општините во Источна Македонија. За тоа кој ќе ја забавува публиката одлучуваат факторите како личниот вкус на градоначалниците, економската логика, но и ривалитетот помеѓу општините.

Оваа година, прва ѕвезда во регионот беше мега популарната Цеца, чиј концерт на штипската Пастрмалијада беше главен настан. Точниот број на публиката која присуствувала на концертот не е познат, но цената е отприлика позната – извори за “Телевизија Стар” велат дека Цеца настапила во Штип за цена од 25 до 30.000 евра, а парите биле обезбедени пред сè од спонзори. 

 

Вториот популарен гостин на Пастрмалијадата беше Данијела Мартиновиќ која за настапот била платена точно 9.000 евра и според истите извори, и таа била профитабилна за организаторите. Данијела настапи и на Делчевскиот плоштад, по претпоставка за истата цена, а дали концертот кој го одржала таму бил исплатлив не е познато.

Претходно, Галија настапи во Македонска Каменица, Ален Исламовиќ настапи во Пехчево за 10.000 евра, Џенан Лончаревиќ во Берово за 7.000 евра, а популарниот Драган Којиќ – Кеба настапи во Чешиново-Облешево за добри 15.000 евра.

Пробиштип оваа година ги обезбеди Дивље Јагоде и Јелена Томашевиќ, а градоначалникот тврди дека нивните настапи биле исплатливи. Исто како и случајот со Штип, тие си ги вратиле парите на еден или друг начин, а граѓаните добро се забавувале.

На прашањето како градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, ја гледа овогодишната Пастрмалијадата, тој вели дека гласот на граѓаните е важен, како и нивните мислења преку јавни расправи и дебати.

“Секој нивен предлог и гледиште за тоа како треба да изгледа Пастрмалијадата е добредојден”, изјавил Бочварски.

На истата тема, коментар дал и министерот за локална самоуправа, Горан Милевски:

“Прво ние самите да се промениме од онаа музика која што сакаме да ја слушаме, а потоа да ги критикуваме локалните власти зошто ги носат. Таков е примерот со Битола, каде странски диџеи реализираа слаба посетеност од граѓаните за разлика од пејачите кои доаѓаат од Србија. Но, кога се во прашање вакви манифестации, музичките вкусови се различни, но да се потрудиме да не доминира оној просечниот, каде квалитативноста е на ниски гранки. Сепак за мене е многу важен разговорот со граѓаните, нивните предлози и мислења”, оценува Милевски.

Top