Адвокатката на Катица Јанева ќе бара укинување на притворот - Имотот како гаранција

Синоќа во интервју за „ТВ21“, адвокатката на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева најави дека денес ќе побара укинување на нејзиниот притвор.

Ирена Фрчкоска меѓу другото откри дека била влошена здравствената состојба на поранешната специјална обвинителка која што се наоѓа во притвор во затворот Идризово.

Меѓу другото, адвокатката Фрчкоска порача дека можно е поднесување на тужба против Советот на јавни обвинители поради разрешувањето на Катица Јанева од СЈО, нагласувајќи дека законот ѝ го дозволува тоа и дека ќе се бара соодветен надомест.

„Законот и дозволува на Јанева да поднесе тужба за разгледување на одлуката за разрешување и да бара соодветен надомест доколку се утврди дека е разрешена на незаконит начин. Но, прво треба да ја примиме одлуката, па ќе видиме како ќе постапиме“, изјави Фрчкоска за „ТВ21“.

 

Адвокатката на поранешната специјална обвинителка која што се наоѓа во Идризово како обвинета за случајот „Рекет“, синоќа порача дека ќе бара укинување на мерката притвор.

„Во фаза сме на подготовка на барањето за укинување на мерката притвор. Ќе бараме да се брани од слобода со депонирање на соодветна гаранција во недвижен имот. Сметаме дека нема основа за притвор, бидејќи таа веќе не е специјален јавен обвинител и не може да ја злоупотрбува својата положба“, изјави Фрчкоска.

Top