Германците со репортажа за Идризово: Во Македонија затворите се најлоши!

На првиот канал на германската државна телевизија беше објавена репортажа од најголемиот затвор во државава - скопски „Идризово“ во која главен акцент е ставен на нехуманите услови за затворениците.

„Умирам од глад. Како да штрајкувам со глад. Умирам од глад“, вели затвореникот Џеладин за германската телевизија, а репортерот на „АРД“ додава дека Џеладин за ручек добива по една мала паштета и салата и „секоја вечер оди гладен и жеден во кревет“.

Џеладин бил осуден за кражба и измама, а долго време живеел во Германија каде што исто така бил во затвор.

„Павилјонот А во затворот Идризово во близина на Скопје е озлогласен. Тука се сместени тешки криминалци. Убијци, дилери на дрога, силувачи - во многу лоши услови. Мажите живеат во големи простории, кои си ги одвоиле со кревети и ќебиња во мали ќелии. Десет до 20 мажи делат една просторија“.

 

„Гипсот се распаѓа од ѕидовите кои се речиси соголени. Во тоалетите смрди, а подот открива влага. Затворениците се разбеснуваат кога раскажуваат за условите: 'Тука не можете ни на шолја да седнете. Изметот цело време паѓа од горе долу“, пишува АРД.

Германската телевизија оценува дека затворот е лошо организиран и пренатрупан, а ситуацијата е во најмала рака нехумана. Инаку, состојбата во затворите во државава беше критикувана во извештајот на Советот на Европа пред три години, со посебен акцент на Идризово.

Сепак, од „АРД“ исто така додаваат дека ситуацијата е подобрена со амнестирањето на 800 затвореници пред една година, како и со тоа што околу 3 илјади затвореници добија намалување на казните.

Меѓу другото, затворот Идризово доби два нови објекти, а за четири години се планираат и уште неколку дополнителни објекти. Во новите одделенија се сместени затворениците со помали казни, а голем проблем е тоа што кога станува збор за осудените на повисоки затворски казни, на нив им е забрането да престојуваат во отвореното одделение.

 

Васка Бајрамовска Мустафа која ја следи состојбата во затворите во канцеларијата на Народниот правобранител, смета дека не разбира зошто се градат нови згради додека старите се распаѓаат.

„Не е едноставно да се доведат во ред стари и руинирани објекти. Но кога не можат да се исполнат меѓународните стандарди, не смее да се дозволи таму каде што се сместуваат затворениците да нема ни минимум стандарди под секакво човечко достоинство. А во дел од затворот Идризово тоа е секако случај“, вели Мустафа.

„Џеладин привршува со издржување на казната во Идризово. На заминување раскажува што најмногу го погодило во затворот. Тука не смееш да се разболиш. Никого тоа не го интересира. Дали ќе добиеш напад на слепо црево или ќе ослепиш или едноставно ти треба апче. Такво нешто нема тука“, пренесува „АРД“.

Top