Електричните тротинети повеќе пречат, отколку што го олеснуваат превозот во градовите

Електричните тротинети требаше да придонесат во еколошкиот сообраќај во градовите, но се чини дека веќе станаа проблем.

Електричните тротинети се размножија на улиците во поголемите градови ширум светот, а нивната популарност е голема и во Македонија. Сепак, според Германската агенција за заштита на околината "UBA", ова преводно средство малку придонесува кога станува збор за еколошкиот превоз.

„Патот кој го минуваат е обично краток и многу лесно може да се помине пешки, со автобус, железница или велосипед“, вели претседателката на "UBA", Марија Крауцберге.

 

Таа смета дека електричните автомобили најмногу треба да се користат во предградијата: „Има смисол таму побрзо да се минува поголема оддалеченост до автобусите или железницата со електричен тротинет, наместо со автомобил“.

И од министерството за сообраќај на Германија го делат истото мислење: „Електричните минивозила треба да сообраќаат во предградијата“.

На тој начин, Германците сметаат дека електричните тротинети би имале улога во првиот и последниот километар од превозот на патниците. Според документот на "UBA" објавен во вторникот „користењето на електричните тротинети наместо пешачењето или возењето на велосипед е лошо за околината и здравјето“.

Според германската агенција електричните тротинети би биле корисни само ако го истиснат автомобилот, но додаваат дека тоа е случај кај само мал дел од корисниците.

Податоците од Берлин покажуваат дека електричните тротинети се користат на делници со просечна далечина од околу два километри. Истражувањето во Париз покажало дека луѓето кога не би имале електричен тротинет, во 85% од случаите таа делница би ја поминале пешки, со велосипед или со користење на јавен превоз.

Top