Гајсер: „Имам уште материјали! Ќе ги објавам доколку Скопје се обиде да ја сокрие вистината!“

Ларис Гајсер, новинар од италијанскиот весник „La Verita“ кој ја обелодени снимката од разговори на сега веќе обвинетите во аферата „Рекет“ вели дека поседува уште материјали и дека новостите ќе ги објави доколку македонските истражни органи не ја завршат својата работа како што треба.

Гајсер за „Tanjung“ изјавил дека материјалите кои ја докажуваат аферата ги објавил бидејќи добил потврда дека истите ги поседува и македонското обвинителство и дека постои сомнеж за нивно уништување.

„Бев против објавување на такви информации со кои што располагавме, сè додека не се уверив дека истите материјали ги поседува и правосудниот систем во Северна Македонија. Тогаш, во „La verita“ одлучивме да ги објавиме за да покажеме дека правниот систем таму ништо не работи и дека веројатно ги бришат доказите“ - истакнал Гајсер кој веројатно и благодарение на улогата во разоткривање на „Рекет“ добил покана за учество на Бледскиот стратешки форум.

 

На прашањето како воопшто дошол до снимките на компромитираните разговори тој изјавил дека за тоа може да се заблагодари на широката мрежа на контакти кои ги стекнал во Северна Македонија, но и дека својот извор не може, а воедно и не сака да го разоткрие: „Добив материјали од извор кој е дел од македонската администрација“ - изјавил тој.

На прашањето дека оваа афера е секако штетна за актуелната македонска влада на премиерот Зоран Заев и дека е многу слична со аферата на прислушкуваните разговори со кои ја бркаа поранешната влада на Никола Груевски, а која ја објави токму премиерот Зоран Заев, тој истакнува дека разликата на овие два случаи е многу значајна.

Гајсер: „Огромна разлика во аферата со „прислушкување на Груевски“ и „Рекет“

„Разликата е во тоа што ние објавуваме докази кои сме ги добиле одвнатре, од систем од Македонија, од луѓето кои се дел од тој систем, додека пак од времето на Груевски стануваше збор за меѓународен случај на масовно прислушкување на разузнавачките служби во Северна Македонија кои му ги дале материјалите на Зоран Заев да ги објави во јавноста“ - објаснува новинарот од „La verita“.

 

Гајсер наведува дека поседува уште материјали поврзани со случајот „Рекет“, но дека во овој момент не може да ги објави затоа што стравува за безбедноста на својот извор.

„Објавување на материјали кои покажуваат како системот и правосудството се заглавени во корупција во Северна Македонија сигурно дека ќе ги стави нечии животи во опасност“ - вели тој.

Гајсер смета дека досега е објавено доволно материјал кој може да помогне да се продолжи со истрагата за да се дојде до нејзино конечно разрешување.

„Доколку тоа не биде доволно тогаш ние имаме уште материјал кој ќе го објавиме“ - вели тој.

Top