Здравството се приватизира – детската кардиохирургија се сели во „Филип Втори“

Иако до пред еден месец министерот за здравство Венко Филипче тврдеше дека ќе има јавни дебати и детални анализи за тоа дали детската кардиохирургија треба да се „приватизира“, односно да се пресели во болницата „Филип Втори“ на Жан Митрев, денеска тој и официјално соопшти дека одлуката е донесена.

Токму Жан Митрев до пред неколку месеци изјавуваше дека од Детската кардиохирургија „живо дете не излегло“, а детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски, кој досега работеше на Клиниката за детска хирургија го нарекуваше „манипулатор кој го загрозува здравјето на децата“, сега треба да работат под ист покрив.

Чадиковски и неговиот тим од државна капа преминуваат да работат токму во приватната клиника, од каде и ќе земаат плата.

Со овој чекор на министерот за здравство, кој без распишување тендер и без јавна расправа реши да ја избрише границата меѓу приватното и јавното здравство, неодговорени останаа многу прашања, како на пример, на кој начин е избрана токму болницата на Жан Митрев, дали со преминувањето на кадарот од јавното во приватното здравство тој го признава поразот дека државното здравство на чие чело е тој е пред колапс и дали во надредена положба става една категорија болни кои ќе се лечат во приватна клиника пред друга категорија, кои мораат да се лечат во јавното здравство.

Она што засега се знае е дека од наредниот месец Клиниката за детска кардиохирургија ќе работи во „Филип Втори“, кадарот на чело со Чадиковски ќе биде вработен во приватната клиника, а парите за операции ќе ги исплаќа Фондот за здравство.

Ова јавно-приватно партнерство Филипче го правда со фактот дека „додека да се направи новиот клинички центар, не вреди да се инвестира во постоечкиот, бидејќи за неколку години тоа ќе треба да се сруши“. Инаку, за новиот Клинички центар се уште нема ни локација, па оттаму неизбежен е заклучокот дека за било какви поголеми реформи во здравството ќе мора да поминат години.

 

„Иако во изминатите години во јавното здравство е направена експертиза за детски кардиохирушки операции, сепак инфраструктурата е лоша. Проценивме дека залудно е да се инвестира во инфраструктурен капацитет на Клиниката за кардиологија, бидејќи откако ќе се изгради новиот клинички центар тоа ќе се сруши. Со овој проект ги спојуваме експертизата од јавното и приватно здравство и создаваме подобри инфраструктурни услови за лекување на децата. Очекуваме на овој начин да се создадат услови лекарите да не бегаат во странство, туку да останат да работат во земјава“, рече Филипче.

Директорот на Фондот за здравство Ден Дончев, објасни дека сега со милион евра годишно, кардиохируршки операции на децата, наместо од Клиниката за детска хирургија, ќе се купуваат од приватната болница. Покрај овие милион евра, сега ФЗО троши и дополнителни 300.000 до 400.000 евра за кардиохируршки операции на децата во странство.

„Очекуваме да се напават заштеди со тоа што нема да има потреба децата да се праќаат во странство“, рече Дончев.

Уште едно неразјаснето прашање во овој „дил“ меѓу јавното здравство и приватната болница е и како ќе тече процедурата за праќање во странство на децата кои сепак ќе имаат таква потреба, бидејќи веќе нема да постои тим на лекари во јавното здравство кој ќе треба да потпише конзилијарно мислење, со оглед на тоа што тим сега поминува во приватното здравство.

Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагираат дека со овој чекор, на виделина излегува неспособноста на министерот за здравство Венко Филипче.

„Здравствениот систем од ден во ден се повеќе се распаѓа. Неспособноста на министерот излегува на виделина. Филипче е канцерот на македонскиот здравствен систем. Тој наместо да инвестира во јавното здравство за да се задржат лекарите во Македонија, тој решава да полни џебови на одредени поединци. Самиот министер и СДСМ со оваа одлука ги отворија вратите на нашите млади лекари на големо да си заминуваат од земјата, се наведува во партиското соопштение“.

Во меѓувреме, Министерството за здравство со физибилити студијата ја испитува можноста и за јавно-приватно партнерство за Брзата помош.

„Физибилити студијата треба да покаже дали воопшто е можен овој модел на јавно приватно партнерство, кој функционира и во други земји, да функционира и кај нас. Бараме начин како да ја подобриме ситуацијата, па затоа се размислува на примена на моделот на јавно приватно партнерство за брзата помош и домашната посета“, изјавија од Министерството пред еден месец.

www.makfax.com.mk/