И третиот нацрт амандман одобрен во Собрание. Што точно се усвои?

Собранието на Република Македонија на денешното продолжение на 64. седница со 64 гласа „за“, 14 „против“ и двајца воздржани го утврди XXXV нацрт-амандман на Уставот, во кој ќе стои „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави”.

Пратениците од власта и од опозицијата во текот на дебата останаа на своите позиции за и против промена на Уставот согласно Договорот од Преспа. За опозицијата власта нема мандат за усвојување на уставните измени, за кои нема ниту консензус, а со него добива само Грција. За владејачкото мнозинство со договорот добива Македонија, се зацврстува државноста и националниот идентитет и се отвора патот за членство во ЕУ и НАТО.

Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека овој амандман не менува ништо а суштината на промената е во промената на името. Смета дека и од Грција треба да се побара да ја вметне истата оваа одредба за да покаже вистинско пријателство.

Заменик министерот за надворешни Андреј Жерновски реплицираше дека станува збор за амандман со кој двете земји меѓусебно заемно гарантираат неповредливост на границите.