Угостителите лути на државата поради селективни казни, работното време и високи даноци

Од здружението „Хорекаши“ велат дека тие не се против закони и правила, туку се за економски просперитет кој ќе ги искористи потенцијалите на Македонија кои лежат во туризмот.

Затоа бараат партнерство со институциите за изготвување национална стратегија за економски развој во сферата на туризмот, угостителството и другите услужни дејности. Тие се согласуваат дека не е во ред келнер да зема плата од 200 евра, но велат дека толку можат да овозможат согласно нивните финансиски добивки. Од здружението додаваат дека со економската анализа до Нова година ќе видат дали тоа ќе се подобри.

„Според агенцијата за статистика, според работното време, редовно вработени во овој сектор се 150.000 лица, од вкупно 700.000. Ниту една власт не сфати дека нашата дејност е ткиво од каде што почнуваат други бизниси. Ние сме ткивото кое поврзува илјадници граѓани. Нашиот углед е нарушен, а ова здружение е формирано за подобрување на дејноста. Ние бараме изготвување на национална стратегија каде што ќе учествуваат локалната самоуправа, експерти од даночната политика и други министерства“, велат од здружението „Хорекаши“.

Тие велат дека се против даноци и давачки и бараат креирање политики што ќе овозможат подобар живот и социјална сигурност за вработените во угостителската дејност.

Оттаму додаваат дека не сакаат да биде регулирано работното време. Бараат реални трошоци за лиценцирање на објектите во рамки на европските практики кои се засновани на слободниот пазар.

Тие велат дека се мали компании без никаква политичка моќ. Затоа и се обединуваат и со институциите бараат заедничко решение за да креираат слободен пазар со фер и чесни правила на игра, а со тоа и нови работни места кои неминовно ќе произлезат од системско и темелно спроведување политики за економска и туристичка промоција на земјата.

„Даночната политика не го стимулира развојот на бизнисот, туку прави уназадување. Бараме од министерствата за економија и финансии средби за решавање на овој проблем“, вели Илија Аргировски.

Според Аргировски, нема доволно кадар во овој сектор бидејќи Македонија не произведува доволно квалитетен кадар за да работат во дејноста, а тоа треба да биде согледано од Министерството за образование.

„Работното време е исто така проблем. Од најурбано Скопје, ние имаме мртво Скопје, а проблем е работното време, кое треба да се реши. Перспективите на економскиот квалитет на земјата зависи од оваа точка. Со задоволство можеме да кажеме дека досега наидовме на одличен прием од Владата. Реалното работно време е да ни дозволат да работиме до 1 часот по полноќ, секој ден“, додава претставник на здружението.

Во врска со законот за пушење, тие велат дека истиот чекаат да биде изгласан бидејќи со него ќе се подигне прометот, а истовремено ќе се полни и државниот буџет со даноци. Од здружението „Хорекаши“ велат дека не се задоволни од предлог-законот и ќе бараат измени и дополнување на истиот.

loading...