Грејната сезона е на прагот – која опција е најисплатлива?

Дрво, струја или парно – што е најисплатливо? На две недели пред почетокот на грејната сезона направивме анализа и пресметка за сите опции. Според последните податоци за временската прогноза, во текот на следната недела се очекува значаен пад на температурата.

Цените на дрвото засега непроменети

Нема промени на цените во ЈП „Македонски шуми“. Веќе неколку години огревното дрво се продава по исти услови – 2.370 денари за кубик бука и 2.450 за кубик даб. Има и друга поевтина, категорија која се нуди за 1.860 денари по кубик.

Во јавното претпријатие тврдат дека снабдувањето со огревно дрво тече непречено и дека имаат доволни количини за сите кои веќе склучиле договор со нив.

Од друга страна во приватните складишта е значително поскапо – од 3.000 до 3.600 денари во зависност од типот на дрвото; но во оваа сума влегува и транспорт, а најчесто и цепење.

За една сезона просечно домаќинство троши од 5 до 8 кубици дрва во зависност од временските услови. Оттука вкупниот трошок би бил од 13.000 до 18.000 денари. Од 850.000 до 900.000 граѓани во зимскиот период се греат со дрва. Дури 80 % од овој енергенс се користи во помалите места низ државава.

Парното греење поевтино од лани

Парното греење од први август е поевтино. Најголемиот снабдувач, „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) има пониски цени за 2.5%, „ЕЛЕМ енергетика“ за 0.1%, а „Скопје Север“ за 1.69%.

И минатата година имаше позначително поевтинување, цените во просек паднаа за по околу 10%.

Сепак, и покрај поевтинувањето парното се уште е меѓу поскапите варијанти за греење.

Просечната месечна сметка за стан од 60 квадрати сега е 1.750 денари или 21.000 денари годишно или 600 денари помалку од лани.

Дополнителна негативна страна е што не може да се штеди – радијаторите подеднакво работат во сите соби, а и кога нема никој дома.

Грејната сезона треба да почне на 15 октомври и да трае до 15-ти април идната година. Доколку температурите се пониски, снабдувањето може да продолжи и по овој датум, но не подоцна од 30 април.

Оваа привилегија ја имаат само жителите на главниот град. На системот се приклучени околу 50.000 домаќинства. Паушал мора да плаќаат и исклучените.

БЕГ веќе започнува со секојдневни ладни проби на системот.

„Ги повикуваме потрошувачите да овозможат пристап на екипите на компанијата до топлинската станица, да пријават дали има можност за повторно полнење на системот и да обезбедат довод на електрична енергија во потстаницата за да може потрошувачите да добијат испорака на топлинска енергија“, соопштуваат од БЕГ.

Струјата со минимално пониска цена, но и со дневна евтина тарифа

Цената на струјата на 1 јули се намали за 0.25%. Ако ова се преслика на една просечна сметка од 2.000 денари се доаѓа до заштеда од 5 денари.

Дополнителна поволност од оваа сезона ќе биде и враќањето на дневната евтина тарифа. Иако првично беше најавено дека евтина тарифа ќе има за сите од 1 октомври, процесот се одвива етапно.

Дел од домаќинствата веќе ја имаат таа „привилегија“, некои пак, ќе ја добијат за најмногу дваесетина дена. Кога, ќе зависи од тоа во која отчитувачка група се по сметките кои граѓаните ги добиваат од дистрибутивната компанија ЕВН.

Прилагодувањето веќе почна, од денеска се адаптираат броилата во првата отчитувачка група, откако тој процес веќе заврши за тие кои се во четвртата група.

Според роковникот на ЕВН, од 6 до 15 октомври ќе се прилагодуваат броилата од втората група и на крај или од 16 до 23 тие од третата отчитувачка група. Со тоа ќе заврши адаптацијата на околу 800.000 броила. По тоа сите тие ќе тарифираат двојно пониска цена на струјата која е потрошена од 12 до 14 часот попладне.

ЕВН на сметките веќе испрати известување за тоа кога службите треба да го прилагодат нивното броило. На дисплејот на броилото на кое е прилагодена евтината дневна тарифа ќе биде активен индикаторот за тарифа Т2.

Инаку грубата математика покажува дека загревањето просечен дом на струја за една сезона би чинело најмалку 25.000 денари.

Сепак, пресметките за домаќинствата што го користат овој енергенс се различни – во зависност од грејните тела. Сепак и оние што имаат парно или користат дрва во најстудените денови се догреваат со струја.

Дури 80% од домаќинствата го користат овој енергенс како основно или дополнително средство. Вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот октомври – март е за околу 45% поголема од април – септември.

loading...