Петте најголеми земји во Европа повикаа на ограничувања на криптовалутите

Германија, Франција, Италија, Шпанија и Холандија ја повикаа Европската комисија да создаде строги регулативи за крипто-валутите поддржани со средства како што е „стејблкоин“ за да ги заштити потрошувачите и државниот суверенитет во монетарната политика, пренесува „Reuters“.

Министрите за финансии на петте земји-членки на ЕУ во заедничкото соопштение во петокот изјавија дека не треба да им се дозволува на „стејблкоините“ да работат во 27-те земји-членки се додека не бидат исполнети законските, регулаторните и надзорните предизвици.

„Стејблкоините“ се еден вид криптовалута која често е поддржана од традиционалните средства. Таа влезе во агендата на шефовите на државите минатата година кога Фејсбук ги откри планови за својата криптовалута „Либра“.

Некои централни банки и финансиски регулатори, загрижени дека „Либрата“ може да ја дестабилизира монетарната политика, да го олесни перењето пари и да ги поткопа личните податоци, се заканија дека ќе ја блокираат и како резултат на тоа, проектот беше одложен и променет.

Регулаторната рамка на ЕУ за „стејблкоините“ мора да го заштити монетарниот суверенитет на блокот и да одговори на ризиците од монетарната политика, како и да ги заштити потрошувачите, се вели во соопштението на петте земји објавено на поширокиот состанок на европските претставници во Берлин.

Европската комисија се очекува да претстави регулаторни предлози подоцна овој месец.

„Сите се согласуваме дека е наша задача да ги одржуваме стабилните финансиски пазари и да обезбедиме она што е задача на државите да остане задача на државите“, изјави германскиот министер за финансии Олаф Шолц пред новинарите во заедничката изјава со неговите колеги.

Шолц рече дека властите мора да заземат цврст пристап и тоа треба да вклучува забрана на сите активности во приватниот сектор доколку не се исполнети регулаторните услови.

Петте земји сакаат сите „стејблкоини“ да бидат врзани во сооднос 1:1 со декретни пари, резервни средства демонизирани во евра или други валути на земјите-членки на ЕУ и депонирани во институција одобрена од ЕУ.

Сите компании кои работат со „стејблкоин“ мора да бидат регистрирани во ЕУ, инсистираат тие. Ваквиот потег веројатно ќе влијае на асоцијацијата „Либра“ со седиште во Женева, која планира да емитува и управува со „Либра“.

„Очекуваме Комисијата да утврди многу силни и јасни правила за да се избегне злоупотреба на крипто-валутите за терористички активности или перење пари“, рече францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер.

„Централната банка, мислам на ЕЦБ, е единствената што има право да издава валута. И ова не може да биде загрозено или ослабено со кој било проект, вклучително и таканаречениот проект „Либра““, додаде Ле Мер.

Top