Се најавува втор ребаланс на буџетот: Има ли пари за справување со корона кризата или ќе треба ново задолжување?!

Новата Влада со нови предизвици. Продолжената ковид- криза ќе донесе ново – второ прекројување на државната каса која тежи 3,95 милијарди евра. Бизнисот, граѓаните, институците бараат дополнителни пари, но ќе има ли доволно за сите од приходите и кредитите обезбедени во државната каса, или ќе треба ново задолжување?!

Одлука за нов втор ребаланс ќе има наредната недела. Дали само ќе се префрлаат средства меѓу институциите на кои им се најпотребни од тие кои имаат вишок пари, или овој пат вистински ќе се направи рез во непродуктивните трошоци, ќе се знае во следните две недели. Прво ќе треба да се пресмета и колку пари ќе чини четвртиот пакет мерки за помош на граѓаните и бизнисот, но и колкаво е потфрлањето на приходите во буџетот, и колку помалку пари ќе се соберат до крајот на годината.

„Секако треба да се има предвид дека наредната недела ќе имаме и предлог од Министерството за финансии кога би можело да имаме ребаланс, но кажав и претходно ние како Министерство за економија што се однесува до секторите кои ги покриваме ние можеме и внатре во нашата институција да распределиме средства се со цел да им излеземе во пресрет на барањата на стопанските комори“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Бектеши денес потврди дека се подготвува и ребаланс на Буџетот. Ќе има и повеќе средства за мерките од четвртиот сет кои ќе бидат таргетирани за оние на кои им се најопходни, но како што додаде и без тоа министерствата имаат право да вршат прераспределба на средства во износ од 30 проценти. И до сега преземените мерки, дел од средствата се нереализирани и тие исто така ќе се наменат за поддршка на фирмите и граѓаните.

„Ги чекаме проекциите од Министерството за финансии, верувам дека идната недела ќе се донесе одлука, но имајќи во предвид дека со третиот сет мерки Министерството за економија доби речиси најмногу од сите други институции со оглед дека покриваме и мали и средни претпријатија, политиките во делот на индустријата, секторот туризам. Ако треба да се креираат итни мерки, секако имаме таква можност како институции и како влада, со прераспределба на Буџетот внатре во Министерството за економија, но и од другите институции во висина од 30 отсто“, вели Бектеши.

Тој потенцираше дека во постојниот Буџет кој што беше усвоен во вонредната состојба, некои од мерките се искористени 70 – 80 отсто што остава простор институциите да направат распределба на тие средства, како и дека мерките ги дизајнираат со стопанските комори.

Од ресорот финансии, пак, уште не се прецизни околу потребата од втор ребаланс.

„Откако ќе се дискутира четвртиот пакет-мерки и ќе се проценат фискалните импликации, ќе се оцени дали има потреба од втор ребаланс на Буџетот“, велат од Министеството за финансии.

Дека одлука за ребаланс ќе има наредната недела потврдува за „Денар“ и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Од друга страна бизнсот алармира – за да нема нови затворања на фирми и отпуштања, итно е потребна нова помош за компаниите.

Претседателката на ССК, данела Арсовска, вели без да се помогне веднаш особено на оние кои се принудно затворени, но и оние дејности кои поради природата на нивната работа немаат никакви приходи и нарушена ликвидност, падот на економијата ќе продолжи, ќе има дисторзија на пазарот на труд, трајно губење работни места и поради кризата замирање на претпријатија кои со години опстојувале на пазарот.

„Стопанството се соочува со нарушена ликвидност, а за неговата лошата кондиција доказ е и регистрираниот пад на БДП во вториот квартал. Очекуваме интервенто да се делува со директна финансиска поддршка за најпогодените сектори за да се ублажат ефектите од пандемијата колку што е можно повеќе бидејќи има дејности кои се пред пропаѓање. Кризата во континуитет трае повеќе од шест месеци, постојат дејности кои се уште се принудно затворени од Владата за што е неопходно што поскоро по примерот на земјите од регионот и светот да се креираат прецизни протоколи за работа за остварување на дејноста, но и здравствена превенција и да им се овозможи да функционираат. Министерството за економија во рамки на своите надлежности преку директно грантирање може да ги помогне оние кои се најпогодени, кои се принудно затворени и тонат, не по своја вина. Претприемачите се најпогодени од кризата, а имаат клучна улога во функционирањето на националната економија.

Според  Арсовска, државата од сите останати во регионот процентуално најмалку одвоила од своето БДП за економска помош и дека голем број на дејности се уште не смеат да работат, а немаат право на субвенции уште од јули месец.

„Процентуално како износ од БДП имавме најмал процент и се надеваме дека со четвртиот пакет тоа ќе се корегира – вели Арсовска.

Благица Петрески од Finance Think вели мерката 14.500 денари за минимални плати фактички спасила 60.000 работни места, зошто останатите 80.000 можеле да преживеат и без тие пари. Затоа препорачува новиот сет мерки да биде потаргетиран. Експертите се децидни дека втор ребаланс е неопходен и препорачуваат намалување на непотребните трошења.

„Останува препораката на исклучителна внимателност на трошење на јавните средства во овој период да бидат во продуктивни цели, меѓутоа исто така да се идентификуваат делови каде што може да влијаат на развојот и да имаат поголем удел кон БДП“, вели Петрески.

Итно донесување на новиот сет економски мерки бара и Организацијата на работодавачи. Од таму велат состојбата особено во текстилната индустрија е драматична и можно е губење на илјадници работни места.

„Во овој момент текстилната индустрија вработува околу 30.000 луѓе. Ако кризата продолжи и ако не се најде некоја мерка која ќе го намали бројот на намалување на работни места или поконкретен да бидам државата да учествува во покривање на дел од трошоците за задржување на работните места. Значи ако не се направи такво нешто, во текстилот е можно од 5.000 до 7.000 работници да останат на улица“, вели Ангел Диомитров, претседател на ОРМ.

И додека на големо се калкулира второто прекројување на државната каса годинава и бизнисот и експертите се категорични дека Владата мора да се откаже од непродуктивните трошења. Првото прекројување на државната каса техничката влада го усвои со уредба со законска сила во мај годинава. Не скрати ниту денар од расходите туку си додаде нови 54 милиони евра за трошење, поради мерките за заштита од Ковид – 19. Се скрати и од она на што алармираа тогаш експертите, да не се кратат капиталните расходи, па со првиот ребаланс парите за капитални проекти беа пониски за 68 милиони евра. Најавите за кратење на платите во администрацијата не се реализираа поради различнте ставови на коалиционите партнери. Дали и што ќе се крати, ќе треба ли ново задолжување- ќе се знае во следните две недели.

Top