Државата дава 14 500 денари помош за плата, а дел од работниците на сметка добиваат само 9000 денари!

Сојузот на синдикати на Македонија бара од Управата за јавни приходи да им достават листа на фирми кои според нив ја злоупотребиле државната помош за плати за работниците. Синдикалците ги бараат газдите кои од добиените државни субвенции од 14 500 денари по вработен, сумата ја делеле на дел за плата, а со дел од парите им плаќале придонеси на вработените.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски вели тоа нема да биде дозволено да се направи на грбот на работниците и тоа со државни пари. Димовски за Денар вели дека јавно ќе ги објават имињата на газдите кои не ја исплатиле во целост минималната плата, а истите ќе ги пријави и во трудовиот инспекторат.

„Сите оние работодавачи кои исплатија помал износ од 14 500 денари или отпуштија работници во месец март да не можат да добијат субвенција што Владата ја даваше во висина од минимална плата за субвенционирање на платите за април, мај и јуни. Тоа беше обврска која ние ја побаравме од работодавачите да ја исплатат минималната плата“, вели за Денар Дарко Димовски претседател на ССМ.

Денар контактираше со Министерството за финансии и побара став и одговори: Дали бизнисмените на своите вработени имале можност добиената помош од државата да ја поделат на вработените, односно со износот од 14 500 денари да им исплатат плата и да им платат придонеси за здравствено и пензиско осигурување? Од финансии велат дека посебни проверки за оваа проблематика не правеле, бидејќи сметаат дека постои и правна можност и тоа да се случи. Во ситуација кога стопанственикот се повикува на „виша сила“ а пандемијата со Ковид – 19 тоа го овозможува, тогаш газдата има право платата на работникот да ја намали за 50 отсто, и добиените пари од државата да ги подели на пример, плата девет илјади денари и со останатите да им плати придонеси на преполовените плати на работниците. Од финансии брифираат дека синдикалците проблемот не треба да го бараат во ресорното министерство, туку во Законот за работни односи.

Министерката за финансии Нина Ангеловска неколку пати  се обиде да ја објасни мерката нето плата 14 500 денари и  да ги елиминира заблудите во јавноста. Најголем проблем вели таа во периодот зад нас имаа компании кои беа затворени поради Уредби на Владата, и немаа како да ги исплатат вработените.

„Законот за работни односи, член 112 вели дека со прекин на деловниот однос може да се пуштаат работници со 70 отсто плата, во случај на виша сила може да се пуштат со 50 отсто плата. Значи сега ако ние конкретно би разговарале за угостителскиот сектор, кој според Државниот завод за статистика вработува 30 илјади луѓе кои што имаат бруто плата од околу 26 илјади денари, и нето плата од околу 18 илјади денари за 2019 година, компаниите за да ги задржат вработените, а ги пуштиле дома со 50 отсто плата тоа значи дека тие имаат девет илјади денари плата. Нето плата од девет илјади денари со придонеси и персонален данок изнесува 14 500 денари. Што значи дека во овој случај мерката ја покрива комплетно таа плата од 50 отсто за тие компании“.

Инаку, официјалните податоци велат дека досега државата исплатила минимална плата за 140 илјади работници кои биле вработени во околу 20 илјади компании.

Извор denar.mk

Top