Заев до компаниите: Тука сме и работиме за вас, давајте иницијативи и предлози

Премиерот Зоран Заев се обрати на утринската сесија на осмото по ред издание на Самитот Македонија 2025 каде една од главните теми во фокус е дигитализацијата.

Заев посочи дека Владата интензивно работи на креирање на политики кои на бизнис дијаспората би и го олесниле пристапот до создавање на нови работни места со цел капиталот да го донесат во својата татковина.

„Ве повикувам низ оваа иницијатива и низ секој можен канал на комуникација да ги држите живи контактите, да инвестирате во нашите граѓани, посебно во младите. Оние на кој им е најмногу потребно сега повеќе од било кога да разберат дека и во нашата татковина се може“, порача премиерот.

„Дојдете дома, кога ги имаме сите услови, треба да работиме заедно со вас и на младите претприемачи да им овозможиме светла иднина. Имаме пристап до пазар со над 650 милиони само во рамките на Европската унија. Дома сме, а произведуваме за цел континент. Тоа е суштинската придобивка и на патриотизмот и на либералните економски политики“, истакна Заев во пораката до бизнис дијаспората.

На претставниците на компаниите им порача: „Тука сме, работиме и за вас и за нашите граѓани. Слободно давајте иницијативи – ги слушаме и имплементираме“.

Во обраќањето премиерот испрати и порака до младите дека Република Северна Македонија ги затворила сите горливи прашања и нема повеќе несигурност.

„Разговарајте со поискусните, развивајте ги своите академски и лични потенцијали, само така може подобро и повеќе да постигнете. Дури и да заминете, потоа преку ваквите иницијативи вратете се назад, градете тука“, додаде Заев истакнувајќи дека работа на властите е да им служат на идеите на развој на бизнисот.

Top