Германската компанија „Костал“ наредната година во производството ќе инвестира околу 20 милони евра

Германската компанија за автомобилски компоненти „Костал“ во својот производствен капацитет во Охрид планира во наредната календарска година да вложи дополнителни 18 до 20 милиони евра во нови производствени линии, а бројот на вработени во фабриката од сегашните 322 да достигне над 500. Бизнис-плановите на „Костал“ се производствените капацитети во Охрид да се прошират на 35 илјади метри квадратни, производствени линии со 850 вработени и годишен обрт на капитал во вредност од 200 милиони евра.

За потребите на новите линии за производство „Костал“ и напојување на предвидените меѓу 40 и 56 машини за лиење пластични производи потребни ќе бидат пет мегавати електрична енергија, што само го потврдува обемот на производство што компанијата го планира за својот капацитет во Македонија.

Во фабриката во поранешно „ЕМО“ се произведуваат модули за речиси сите светски автомобилски компании, односно комплексни производи што подразбираат поквалификуван персонал и технолошки софистицирана опрема.

Директорот на „Костал“ Виктор Мизо појаснува дека според комплексноста на производството, „Костал“ е меѓу технолошки најсофистицираните фабрики во Македонија, со автоматизирано производство со еден робот на двајца вработени. Доколку целта на компанијата е да достигне бројка од илјада вработени, значи дека во погоните во Косел во процесот на производство ќе бидат вклучени 500 роботи.

Речиси 99 отсто од вработените во „Костал“ во Македонија се луѓе од Охрид и Струга, но тука станува збор за вработените во самиот производствен процес. Високообразованиот обучен кадар не може да се најде локално така што има ангажирани технички инжинери од другите градови.

Според Мизо, најголем проблем во Македонија претставува мобилноста на работната сила, односно недостатокот квалификуван кадар за опслужување високотехнолошки производствени капацитети. Најкомплицираниот дел од целиот процес на производство на такви техничко напредни линиии и производи е одржувањето, односно обучен персонал за таа задача што моментално во Македонија е дефицицитарен.

-Персоналот го креираме преку континуирани обуки на нашите вработени во сопствените фабрики во Германија и Ирска. Во Германија работници за на линија на најмалку четири седмична обука, додека во Ирска во електроника од шест до девет месеци, изјави директорот на „Костал МК“ Виктор Мизо.

„Костал“ минатата година ангажира 13 апсолвенти од завршните години на електро-машинскиот и факултетите за информатика и технологија во земјата, на девет недели обука со обезбедено сместување, месечни примања со понуда за стипендирање до завршување на студиите и отворен повик за вработување со почетна плата од 500 до 600 евра.

Решението за проблемот со обучен кадар за самиот производствен процес се бара во воведување дуален систем на стручно средно образование. Неодамна преставници на ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ од Охрид, на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование престојуваа во студиска посета на Германија, со цел непосредно да се запознаат со начинот на организирање и спроведување на дуалното образование. Системот на дуално образование предвидува младите теоретскиот дел од образованието да го стекнуваат во училница, додека поголемиот дел од времето посветено на едукација би го минувале за стручно оспособување непосредно во производствените процеси, за потребите на производствените капацитети во земјата.