Брегзит ќе биде поголем удар дури и од светската економска криза: Централната банка на Англија се подготвува за најлошото сценарио

Британската економија ќе претрпи уште поголема штета отколку за време на глобалната финансиска криза пред 10 години, во случај на излегување од Европската унија по "најлошото сценарио" за четири месеци, предупредила Централната банка на Англија.

Бруто домашниот производ на Британија, според проекциите на централната банка, ќе падне за дури осум проценти за една година ако "најлошото сценарио" обележано со доцнењата на британските граници и загубата на довербата на финансиските пазари во британските институции - стане реалност. 

Доколку тоа се случи, британската фунта би паднала за дури 25 проценти, додека цените на станбените единици би паднале за 30 проценти.

Истовремено, умерено "турбулентниот Брегзит", кој би подразбирал движење на робата преку границите, но и соочување со тарифи и други бариери, според проценките, би предизвикал пад на британската економија за 3 проценти, пренесува "Reuters".

"Нашата работа повеќе не е да се надеваме на најдоброто, туку да се подготвиме за најлошото", изјавил гувернерот на Централната банка на Англија, Марк Карни, додавајќи дека британските банки се во состојба да се соочат со најлошите последици од Брегзит.

Договорот кој би ги сочувал блиските односи на Британија и ЕУ во иднина, како што е оценето, би можел да доведе до поголем економски раст од проекцијата на Централната банка на Англија за почетокот на овој месец, соопштила централната банка.

 

Меѓутоа, според сите сценарија на банката, каматните стапки ќе забележат раст.

Според најлошото сценарио, каматите би можеле со актуелното ниво од 0,75 проценти да пораснат на 5,5 проценти, што последен пат е забележано во 2007-ма година.