Грчки пратеник го искинал турското знаме, Чавушоглу побеснел: “Добро знаете како им ги кршиме рацете на оние кои нè допираат”

Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, остро реагирал откако грчкиот пратеник Јанис Лагос го искинал турското знаме во Европскиот парламент.

“Овие расистички глави најдобро знаат како им ги скршивме рацете на оние кои се обидоа да го допрат нашето славно знаме”, напишал Чавушоглу на Твитер. 

“Разгалените и расистички деца на Европа мора да ги знаат своите граници. Европа конечно треба да каже “стоп” за антиисламот и расизмот. Нашето знаме и понатаму гордо ќе се вее. Очекуваме Европскиот парламент да преземе потребни мерки во врска со овој кловн (Лагос)”, порачал Турчинот.

Грчкиот пратеник го искинал турското знаме во Европскиот парламент во текот на заседанието со назив “Хуманитарна ситуација на грчките острови”.

Лагос го изнел тврдењето дека грчкиот народ е на мета на напади од страна на мигранти, а потоа додал: “На една страна ја имаме Турција која може да направи што сака. Мигрантите пристигнуваат во нашата земја. Ова е турското знаме, што треба да направите со него, да го искинете и фрлите. Мораме да го запреме тоа”.

 

Top