Претседателот на Албанија навремено предупреди, но тогаш жестоко го нападна!

Какви би биле последиците од разорниот земјотрес доколку владата на Албанија сериозно ги сфатеше предупредувањата на претседателот Илир Мета, кој предупреди за можноста за земјотрес минатото лето?

Мета им веруваше на проценките на грчките сеизмолози, додека Владата на Еди Рама го игнорираше и им веруваше само на домашните проценки. Албанските медиуми за препукувањата помеѓу претседателот и Владата пишуваа доста често, но тој случај набрзо падна во заборав. До овие денови.

Министерката за одбрана Олта Џачка која често знаеше да го нападне Илир Мета, вчера се појави на прес-конференција и со солзи во очите ги прочита имињата на настраданите.

„Ова е мојот најтежок говор. Можеме повторно да ги изградиме срушените згради, но не можеме да ги вратиме животите на сите луѓе кои загинаа во земјотресот на 26-ти ноември“, изјави албанската министерка.

Џачка започна да ги чита имињата на загинатите, но на половина од списокот не издржа и почна да плаче, а потоа продолжи да чита со солзи на очите. Меѓу жртвите има деца од четири и осум години, стари луѓе од 77 и 79 години, односно луѓе на сите возрасти.

Тоа што е интересно во врска со истата министерка е тоа што токму Џачка минатото лето му одговори на претседателот Илир Мета и неговото предупредување за можен разорен земјотрес - таа на претседатеот му порача дека веројатноста за таков земјотрес не постои.

Мета кон крајот на јули ја повика владата на земјата да се подготват за разорен земјотрес кој се очекуваше според проценките на грчките сеизмолози. Тој рече дека таквиот земјотрес би можел да биде и до 30 пати посилен од земјотресот кој неодамна ја погоди атинската област.

 

Џачка во одговорот до претседателот Илир Мета, самоуверено му пораа дека според проценките на албанските сеизмолози, веројатноста за катастрофален земјотрес не постои и порача дека Министерството за одбрана сега е многу подобро подготвено од тоа пред 30 години.

Да потсетиме, Албанија во раните утрински часови на 26-ти ноември ја погоди земјотрес со јачина од 6,4 степени по Рихтеровата скала. Земјотресот најсилно се почувствувал во Драч и Тирана, градови кои беа најблиску до епицентарот. Силниот земјотрес и серијата на земјотреси кои што следуваа го потресоа целиот регион, а се затресе и територијата на Македонија.

Според последните информации, 35 лица го загубија животот, 658 се ранети, а 47 се спасени од рушевините. Претходно беше соопштено дека 25 лица се водат како исчезнати и по нив и натаму се трага во рушевините. Во акцијата учествуваат спасувачки екипи од бројни земји, меѓу кои секако и од Македонија.

Top