Падна човекот на Еди Рама: Градоначалникот на Скадар шверцувал дрога во Италија

Новоизбраниот градоначалник на Скадар, Валдрин Пјетри поднесе оставка од таа функција поради обвинувањето на албанската полиција дека во Италија бил осуден за шверц на дрога.

„Свесен сум за важноста на политичкиот имиџ и одлучен сум да превземам законско решавање на обвиненијата од позиција на обичен граѓанин. За никого да не оптоварувам, одлучив да поднесам оставка од функцијата градоначалник на Скадар“, порача Пјетри.

Формирањето на новиот совет на општина Скадар и положувањето на заклетвата на новиот градоначалник се одложени додека обвинителството не донесе одлука за утврдување на точноста на тврдењата на албанската опозиција дека Пјетри во Фиренца бил осуден за шверц на дрога, а потоа и депортиран од Италија.

Од албанското јавно обвинителство потврдија дека е отворена постапка и сега се чека на одговор на Интерпол и Европол.

После оставката на Пјетри, реагираше и лидерот на најголемата опозициска партија во Албанија, Љуљзим Баша кој порача дека сега има „еден криминалец помалку во политиката“.

 

„Еден криминалец помалку во политиката. Но, ништо не се менува додека не си замине Еди Рама, лидерот на политичкиот криминал“, напиша Баша на Твитер.

Top