„Гаспром“ одлучи: „Турски тек“ ќе поминува низ Србија

Руската компанија „Гаспром“ донесе одлука гасоводот „Турски тек“ да ја продолжи трасата низ Бугарија, Србија, Унгарија и Словачка.

Исто така, почнаа сите подготвителни процедури во тие земји, објави рускиот весник „Комерсант“. Првата испорака на гас во Бугарија и во Србија ќе почне во 2020 година, до Унгарија рускиот гас ќе стигне една година подоцна, што ќе ѝ овозможи на руската компанија до 2022 година во целост да ја запре испораката на гас преку Украина.

„Комерсант“ укажува дека ова е ткн. „Јужен тек“ кој Европската Унија го запре уште во 2014 година под притисок на САД. Како што оценува весникот, овој пат ќе биде драстично покомпликувано да се влијае на тоа проектот да запре затоа што „Гаспром“ во целост ги почитува законите на ЕУ.

Иако во план е и Грција да се приклучи на овој гасовод, како што оценува „Комерсант“, сè уште не е јасно како ќе се реализира тоа.

Се претпоставува дека Грција ќе се спои на тој крак преку Бугарија или пак ќе го замени азербејџанскиот гас со руски откако ќе заврши изградбата на гасоводот ТАП, што, исто така, е планирано за 2020 година, пренесува „Спутник“.