За разлика од минатото лето кога словенските медиуми објавија репортажа од тренинзите во кампот на Штајерската гарда, чии што припадници беа голораки, најновите фотографии на „Ројтерс“ откриваат дека се вооружени со калашњикови.

На само 20-тина километри од словенско-хрватската граница, припадниците на оваа анти-мигрантска Штајерска гарда тренираат со калашњикови во рацете и ја „бранат“ Словенија од мигранти.

Како што може да се види на фотографиите, меѓу припадниците на оваа вооружена група има и жени.

 
 

Нивниот лидер, Андреј Шишко пред два месеци изјави дека тие не се никаква паравојска како што многумина ги нарекуваат во Словенија. Тој регрутирал 45 припадници на гардата и ги довел на тридневно кампување и вежбање на приватно земјиште. Сето тоа го пријавил во полиција и добил дозвола.

Станува збор за самоорганизирана група која врши редовни вежби, а многумина од нив се маскирани затоа што би можеле да останат без работа. Досега припадниците на Штајерската гарда одбиваа да се фотографираат со оружје.

 

Штајерската гарда е дел од анти-мигрантското движење во Словенија кое што зема се поголем замав додека истовремено се зголемува и бројот на илегални премини на мигранти преку границата со Хрватска.

Владата ги повлече предлог-измените на законот за јавни собири, по реакциите во јавноста. Владината прес-служба соопшти дека Владата ги послушала забелешките на граѓанските организации по што е донесена одлука ги повлечат предлог-измените на денешната владина седница. Од Владата посочуваат оти има простор за подобрување на содржината на законот.

Според предлог-измените беше предвидена забрана за одржување на јавни собири пред странските амбасади, објекти и простори од интерес за безбедноста на државата, како и пред седиштата на органите на државната власт и просторот околу нив.

Згора, со законските измени се предлагаше и зголемување на минималниот број на граѓани потребни за организирање на протест од 20 на 50. Се забрануваше и носење на средства на лицата и главата кои го отежнуваат утврдувањето на идентитетот на демонстрантите. Со предлогот се одредуваше и временски период во кој може да се одржува јавниот собир, односно од 6 до 23 часот.

Бензинот Еуросупер БС-95 поскапе за еден денар, а Еуросупер БС-98, дизелот и екстра лесното масло за домаќинства за половина денар.

Новата цена на литар ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 68,50 денари, а 70,50 денари на Еуросупер БС-98. Литар ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) сега се продава за 62 денари, екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 50,50 денари. Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголеми за 0,206 денари за килограм и изнесува 33,340 денари.

Зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати во просек изнесува 0,93 проценти.

РКЕ ја донесе одлуката за цената на горивата врз основа на цените на нафтените деривати на светскиот пазар и курсот на денарот во однос на доларот во изминатите седум дена.

Претседателот Стево Пендаровски, кој во Париз учествува на Парискиот мировен договор, денеска ќе има средба со шефот на француската држава Емануел Макрон.

Пендаровски на средбата со Макрон ќе има можност директно од него да ги слушне ставовите на Франција за проширувањето и за новата методологија на преговарање.

Тој минатата недела изјави дека средбата со Макрон е добра можност да се изложат аргументите на двете страни и да ги слушнат мотивите на францускиот претседател. Посочи и оти ние како земја немаме никаква резерва спрема најавената нова методологија.

Пендаровски исто така рече дека во наредниот период треба да добиеме посилен сигнал дали наскоро ќе може да се измени крајно неповолниот исход на последниот европски самит, пред сè Франција, која беше против почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија.

Шефот на државата оцени да не се оди со преголеми очекувања од средбата, бидејќи, како што рече, иако сме мала држава и имаме силни аргументи, сепак ниту Америка, ниту Германија, никој никогаш не може да го убедува претседателот на Франција.

Париз инсистира на претходни внатрешни реформи во ЕУ и промена на методологијата за прием на нови земји членки.

Минатата седмица, францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние на новинарско прашање за очекувањата од средбата меѓу претседателот Пендаровски и шефот на француската држава Макрон во Париз и дали тоа ќе придонесе за поголема динамика во македонско-француските односи, не сакаше да даде коментар.

– Во сè она што е комуникација околу таа официјална посета, сепак би ве упатил на претседателството на Републиката, затоа што сметам дека не би било куртоазно од моја страна однапред да говорам за тоа, вели Тимоние.

Мексико му го одобри барањето за азил на поранешниот претседател на Боливија Ево Моралес , изјави синоќа мексиканскиот министер за надворешни работи Марсело Ебрард.

„Веднаш ќе го информираме министерството за надворешни работи на Боливија дека, според меѓународното право, мора да му овозможи на Моралес слободно да излезе од земјата“, порача Ебрард.

Ево Моралес кој ноќта ја мина спиејќи во импровизиран шатор на отворено небо е првиот домородец претседател на Боливија, тој поднесе оставка откако на тоа го повика војската по повеќенеделни протести поради спорните резултати на претседателските избори.

Намалувањето на расходите за одбрана и безбедност е поврзано со надминување на "врвот на модернизацијата на војската", изјавил рускиот претседател Владимир Путин.

"Во тек е општо намалување на расходите за одбрана и безбедност. Тоа не е поради тоа што ние ноншалантно се однесуваме кон тие прашања, туку бидејќи сега е главно планирањето и интензивирањето на работата на замена на воената опрема и техника. Ние веќе ги направивме главните работи", рекол Путин. 

Тој нагласил дека воените претпријатија и колективи треба да продолжат да работат како досега, а не да произведуваат "канти", како што било во 90-тите години, пренесува "Sputnik".

 

"Тие треба да произведуваат високотехнолошки производи и техника. Затоа треба да им се овозможи да го произведуваат тоа што можат и ритмички да ја финансираат таа работа", додал претседателот.

Освен тоа, Путин наложил да се подготви јасен план за вклучување на воени претпријатија во реализација на национални проекти.

 

Во октомври претседателот соопштил дека Русија се наоѓа на седмо место по расходите за војска, иако веќе направила оружје какво нема никој на светот. Тој сепак тогаш нагласил дека нема намера да влегува во трка за вооружување, и дека ќе продолжи да го развива потенцијалот во таа сфера.

Во случај на воен конфликт меѓу НАТО и Русија на Балтикот, Алијансата би можела да ја освои Калињинградската област, не за две недели, туку за неколку дена, пишува порталот "Истдеј".

"Калињинград е мало место, само 15.000 километри квадратни и на 500 километри од руската граница", наведува кинескиот портал. 

Како што пишува "Истдеј", како одговор на оваа акција, Москва во наредните пет дена би можела да изведе напад на пет или осум престолнини на европски држави, што конфликтот автоматски би го трансформирало од регионален во глобален.

Претходно научниот соработник на американската Фондација "Џејмстаун", Ричард Хаучер во својот извештај напишал дека воената агресија на Русија против балтичките држави може "да ја чини" Калињинградската област. Притоа, Хаучер не навел конкретна причина која би можела да предизвика конфликт и промовирал теорија дека Москва наводно има планови за тој регион.

Губернаторот на Калињинградската област, Антон Алиханов, го споредил рефератот на научниот соработник на Фондацијата "Џејмстаун" со таблоидна фикција.

Кинескиот гигант во е-трговија Алибаба соопшти дека продажбата во текот на „Денот на самците“ кој компанијата го организира на секој 11-ти ноември достигнала неверојатни 210 милијарди јуани, односно 30,8 милијарди долари, со што е поставен нов рекорд.

На Алибаба во текот на вчерашниот ден кога започнаа големите попусти на „Денот на самците“, за само една минута и осум секунди била продадена стока во вредност од една милијарда долари.

„Денот на самците“ кој е кинески пандан на „Црниот петок“ и „Сајбер-понеделник“, кој инаку главниот извршен директор на Алибаба, Даниел Џанг го промовира како 24-часовен онлајн шопинг празник од 2009-та година, бележи забрзан раст со тенденција да стане најголемото малопродажно случување на светот.

 

Името на фестивалот е поврзано и со датумот 11.11, при што четирите единици го означуваат статусот на самците.

Алибаба минатата година на својата платформа на „Денот на самците“ забележа продажба вредна 30 милијарди долари, фрлајќи ги во сенка „скромните“ 7,9 милијади долари остварени на онлајн купувањето на американскиот „Сајбер-понеделник“.

Минатогодишниот раст на продажбата на овој ден беше 27%, односно најнизок во десетгодишната историја на тоа случување, па организаторите побараа свежи идеи. Така овогодинешниот шопинг фестивал започна со настапите на американската поп ѕвезда Тејлор Свифт, како и бројни домашни популарни ѕвезди како Џексон Ли.

Продажбата во првата минута и осум секунди достигна вртоглави милијарда долари, за во првиот час да се искачи на 84 милијарди јуани, што е за 22% повеќе од 69-те милијарди јуани забележани во првиот час од „Денот на самците“ минатата година.

„Медена земја“ е номиниран за најдобар документарен филм на „Европските филмски награди“, кои ги доделува „Европската филмска академија“.

Одлуката е соопштена денеска во Севиља, Шпанија. Македонскиот документарец е меѓу петте кандидати за наградата најдобар европски документарец за 2019 година.

Филмот раскажува за Атиџе, последната пчеларка во Европа која се соочува со сериозен предизвик кога треба да ги спаси пчелите и да ја зачува природната рамнотежа. Во Медената земја пристигнуваат пчелари номади кои го прекршуваат основното правило: земи половина од медот, а другата половина остави им ја на пчелите.

„Медена земја“ е најнаградуваниот македонски документарен филм, кој на почетокот на оваа година се закити со три главни награди на престижниот фестивал „Санденс“. Филмот е македонски кандидат за „Оскар“.

Турција од понеделник, 11-ти ноември ќе започне да ги враќа дома странските припадници на Исламската држава.

Ова го потврди турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, кој ги предупреди европските земји дека не е важно дали поранешните милитанти се добредојдени, или не.

Тој порача дека џихадистите на Исламската држава кои Турците ги заробиле во текот на воените операции на северот на Сирија, односно кои што биле затекнати во курдските затвори, ќе бидат вратени во своите домови.

Турција веќе подолго време ги критикува своите европскки сојузници кои не сакаат да ги преземат назад борците на Исламската држава кои се нивни државјани и се заканува дека ќе бидат вратени назад дури и ако им е укинато државјанството.

 

„Ние веќе им кажавме дека тие луѓе ќе ги вратиме во нивните земји, а со тоа ќе започнеме во понеделник“, изјави Сојлу.

Турскиот министер од претходно порача дека неговата земја не е хотел за заробените милитанти и ги обвини Велика Британија, Франција и Белгија дека е неодговорно од нивна страна тоа што очекуваат Турција сама да се носи во врска со прашањето околу заробените џихадисти.

Top