Перо Антиќ ќе биде втор најплатен играч со примања од 400.000 евра годишно

По десет години, Перо Антиќ одново ќе го носи дресот на Црвена Звезда.

Медиумите од Србија сега пренесуваат дека тој ќе биде вториот најплатен играч во Белград.

За новата сезона, Црвена Звезда ќе има буџет од околу 3 милиони евра, а прв на списокот со плати е Тејлор Рочести, кој има примања од 500.000 евра.

Зад него е Перо Антиќ со годишна плата од 400.000 евра, а потоа следи Џејмс Фелдин со 350.000 евра.

Само за потсетување, Перо Антиќ во Фенербахче имаше плата од околу 1,3 милиони евра.

Интернационалецот во редовите на Вардар, Тимур Дибиров во иднина ќе настапува во домашното првенство како Македонец. Натпреварот од Супер Купот на Македонија беше првиот официјалeн натпревар за левото крило на Вардар со македонски пасош.

Од неодамна Дибиров има македонски пасош, но сепак тоа не значи дека ќе игра за Македонија. Двојното државјанство ќе му послужи пред сѐ за настап во македонското првенство, но и за други поволности како граѓанин на Македонија.

„Не е тајна дека имам македонски пасош. Тоа беше познато од поодамна уште кога се правеа листите на играчи. Јас сум посебно горд што сум граѓанин на Македонија и секогаш така ќе се чувствувам. Македонија и Скопје се мојот втор дом. Отсекогаш посакував да бидат македонски граѓанин, и сега тоа ми се исполни, изјави Дибиров.

Поради ограничувањето на бројот на странци на натпреварите од домашното првенство на максимум 10, на мечот со Еурофарм Работник неколкумина ракометари останаа на трибините, a играа Ѓорѓески, Поповски, Ончев, Стоилов и Дибиров.

РФМ реши секоја година да се намалува бројот на странски ракометари во секоја екипа додека не се дојде до бројката од максимум седум играчи. Тоа се однесува само за мечевите од домашното првенство и купот. За ЛШ нема ограничувања.

Кристијано Роналдо на крајот на месец јули мораше да го прекине својот одмор и да се врати во Мадрид по повод закажаното судење во кое тој се гони за проневера на неколку милиони евра, а на шпанските медиуми им беа потребни речиси два месеци за да дојдат до првиот видео материјал кој ни ги доловува сцените од судењето.

Во јавноста веќе беа пренесени изјавите на Роналдо дека еден ден сака да се врати во Англија поради тоа што таму никогаш не бил гонет за затајување на данок, но сега на видеото се гледаат неколку тензични, но и интересни моменти.

Најтензичен е моментот кога Роналдо се обидува да и докаже на судијката дека е невин, а тоа го направи со малку повишен тон што не и се допадна на госпоѓата.

– Погледнете ме во очи кога ви зборувам, јас никогаш не кријам ништо – и порачува Роналдо, на што судијката бара од него да ја остави да зборува.

– Остави ме да зборувам (Роналдо се извинува веднаш после тоа). Вака, на нас не ни е важно твоето име. И да се викаше Антонио Перез, повторно ќе мораше да дојдеш тука, – му возврати судијката во тој дел од разговорот, а од видеото исто така за издвојување е еден момент кога Роналдо го губи здивот од многу зборување, па побара од луѓето да му дадат вода.

Конечно се оствари сонот на многу генерации. Вардар ова лето направи историја, и се пласираше во групната фаза од Лигата на Европа.

Во Скопје имаме можност да гледаме европски натпревари. Националната Арена „Филип Втори“ е местото кое што ќе биде во центарот на вниманието во следните месеци во кои што нашиот тим ќе ги игра своите натпревари во Лигата на Европа.

Првиот дуел е веќе во четврток кога во нашиот главен град гостува рускиот тим Зенит Санкт Петербург.

На пет дена пред почетокот на натпреварот, Фудбалскиот клуб Вардар ќе информира за сите детали околу мечот, за процедурите за влегување на стадионот, ќе апелира за фер, коректно и спортско однесување на гледачите со оглед дека натпреварите во групната фаза бараат многу внимание.

Бидејќи се работи за меч од групната фаза од Лигата на Европа, целокупната организација ќе биде на највисоко ниво, согласно строгите барања и пропозиции на УЕФА. Сите ќе мора да ги почитуваат правилата на однесување како надвор, така и на стадионот, пред и за време и по одигрувањето на натпреварите.

Фудбалскиот клуб Вардар ја информира јавноста дека вратите за влегување на стадионот ќе бидат отворени во 18:30 часот. Апелираме да дојдете порано на стадион, да го завземете своето место означено на вашиот билет. Да не носите цврсти предмети на стадионот, запалки и други работи кои ќе ви бидат одземени уште пред да влезете на Националната Арена „Филип Втори“. Пушењето ќе биде забрането на сите места на стадионот.

Ве потсетуваме дека во тек е продажба на блок билети за сите домашни натпревари од Лигата на Европа. Истата ќе трае до недела, а од понеделник почнува продажбата на индивидуални влезници, само за натпреварот со Зенит Санкт Петербург. Купете влезница и дојдете, заедно да ја пишуваме историјата.

Сите информации околу влезниците, местата на нивна продажба, на следниот ЛИНК.

Артим Шакири засекогаш ќе остане запаметен од македонската спортска јавност поради борбениот дух и феноменалните партии кои ги прикажуваше како член на најсилниот состав на македонската фудбалска репрезентација, а сега поранешниот капитен се најде во центарот на вниманието и поради едно ексклузивно интервју кое го даде пред вечерашниот меч меѓу Македонија и Албанија.

Избраниците на Игор Ангеловски оваа вечер во Струмица ќе имаат шанса да се реваншираат за несреќниот пораз на стартот на квалификациите за Светското првенство во Русија, а бидејќи овој дуел носи посебни страсти и мотивации на двете страни, едно доста провокативно прашање доби Шакири во интервјуто за албанскиот портал „Панорама“.

Новинарот побарал од Шакири да избере една страна во пресрет на вечерашната пресметка која се игра во Македонија, а играчот кој одигра 75 натпревари за националниот дрес на „црвено-жолтите“ уште еднаш потврди колку многу ја почитува земјата која му овозможи фудбалски да се развие.

– Не ме ставајте во непријатности. Јас сум Албанец, но не може да се побие фактот дека одиграв 75 натпревари со македонската фудбалска репрезентација која многу ја почитувам. Како најпрво пред сè, не сакам да има инциденти на овој натпревар. Навредите да останат на страна, да се насочиме само на фудбалот, – гласи одговорот на Шакири кој додал дека забележал голем напредок во Македонија на мечот со Израел.

– Мислев дека и нерешено ќе биде добар резултат за Македонија, но сепак Македонија победи поради свои заслуги. За разлика од претходните натпревари во групата, Македонија против Израел покажа високо ниво во текот на целиот меч. Со таа победа, тие дополнително добија на морал и мотивација пред мечот со Албанија. Сите знаеме дека Македонија со посебно внимание ќе влезе во овој дуел, – додал играчот кој свовремено ја носеше капитенската лента на нашата селекција.

Чедомир Јаневски, стратегот на Вардар, по мечот против Фенербахче им честита на своите фудбалери за големиот успех и пласманот во групите на Лига Европа. Стратегот на прес-конфернецијата им честита на фудбалерите за успехот и потенцира – оваа среќа не може да се купи со пари!

„Пред се, сакам да се заблагодарам на Фенербахче за добриот пречек во Истанбул. Најголемите честитки одат кон моите фудбалери, затоа што со оваа победа, односно двете победи испишаа историја за македонскиот фудбал. За првпат еден македонски клуб ќе игра во Европа. Победивме на двапати еден голем клуб. Поминавме не на среќа, туку со голема желба и исполнување на тактичките обврски. Ова е доказ дека само со професионална работа може да се исполнат резултати. За нашиот успех исто така е задолжен и нашиот сопственик Самсоненко, кој вложува во овој клуб. Вардар е голема македонска гордост. Имаме премија за овој успех од клубот, но верувајте, оваа среќа не може да се купи со пари“, изјави Јаневски.

Вардар својот противник во Лига Европа ќе го дознае утре, на ждрепката која ќе се одржи во Монако.

Кога го донесе Лино Червар на клупата на хрватската ракометна репрезентација, првиот човек на хрватскиот ракомет Зоран Гобац истакна дека нема да дозволи тој да седи на две столчиња, поточно да има и клупски ангажман. Меѓутоа, Червар се уште престојува во Скопје и го подготвува вицешампионот Металург за новата сезона.

–Се уште решавам некои работи и затоа се уште сум во Металург. Не се случува се преку ноќ. Можам да кажам дека наскоро се ќе биде решено и немојте повеќе да ме прашувате за Металург, бидејќи немам друг коментар, изјави Лино.

Во интервјуто за “Вечерњи лист#, проговори и за случувањата во Вардар со најавата на газдата Сергеј Самсоненко за повлекување од актуелниот европски шампион.

-За Самсоненко можам да кажам само најдобро, направи две сали и хотел и тоа сигурно нема да го однесе во Русија. Сето тоа ќе остане во Скопје, но јас сум противник на проектите кои кратко траат. Сетете се на ракометниот клуб Копенхаген или на ветерполо клубот Приморје, кои се распаднаа штом заминаа големите финансиери. Кај мене секогаш е поважен начинот на работа отколку вртоглавиот раст на некој клуб поради поединец што во даден момент има пари, а потоа веќе го нема – вели тренерот на Металург.

Но, во последно време се погласни се шпекулациите дека Червар сака што подолго да остане на клупата на Металург, а кога ќе стане неопходно, привремено да го отстапи местото на еден од своите соработници.

Хрватскиот стратег во наредните неколку месеци го очекува напорен период, бидејќи ќе треба да ја подготви Хрватска за Европското првенство во нивната земја, во јануари наредната година, каде за „коцкестите“ се ќе биде неуспех освен освојување на златниот медал. Доколку Хрватска не го освои златниот медал на ова првенство, Червар би можел да биде експресно сменет од селекторската функција.

По барање на сопственикот на Вардар, Сергеј Самсоненко, екс македонскиот репрезентативец, Горан Попов ќе се врати во редовите на Вардар и ќе биде изненадувачката помош за реваншот во Истанбул против Фенербахче, пренесува „Македонски спорт“.

„Едноставно не можев да го одбијам Сергеј, имам високо мислење за него и затоа се вратив во клубот од каде искрено не ни заминав. Со документите се е во ред затоа што јас имав само усмено договорено  раскин со Вардар. Се надевам дека ќе му помогнам на тимот“ , беа првите зборови на Попов по кам-бекот во „црвено-црниот“ дрес.

По вчерашната победа над турскиот гигант од 2-0, Попов замина во соблекувалната и славеше заедно со своите соиграчи.

Искусниот 32-годишен фудбалер ги помина последните три сезони во македонскиот шампион, а по крајот на минатата, најави заминување на Кипар. 

На натпреварот со Фенербахче, утре во Скопје, на клупата на Вардар ќе биде Чеде Јаневски, откако и УЕФА го потврди како нов тренер на шампионот на Македонија.
После оставката на Гоце Седлоски, веднаш во Скопје пристигна како што вардаровите фанови го нарекуваат „вардарецот“ Јаневски.  Раководството на македонскиот првак беше во трка времето, за да успее да го протне Јаневски на списокот како нов тренер, а според потврдата на сајтот на УЕФА мисијата е успешна и поранешниот селектор на македонската репрезентација утре ќе биде крај аут-линијата и ќе диригира со играта на Вардар.

Официјалната промоција на Јаневски како тренер на Вардар ќе биде вечерва од 20 часот на задолжителната прес-конференција пред стартот на двомечот со Фенербахче. Утре се игра првиот меч во Скопје од 20 часот, а реваншот е во Истансбул за една недела.

Извор: Курир.мк

Винченцо Монтела со многу комплименти ја анализираше Шкендија, противникот на Милан во последната фаза пред пласман во групите во Европа Лигата. „Играат течно и убаво за око и имаат одлични напаѓачи", изјави Монтела на прес-конференцијата во Милано.

Шкендија ќе игра со големиот Милан, а убавите зборови од легенда каква што е Монтела им годат на тетовци.

„Тие имаат континуитет, бидејќи веќе одиграа три кола во квалификациите. Патем да не заборавиме дека во Милано пристигнаа осоколени по победата над првакот Вардар. Ми се допаѓа нивната игра, тактички се зрели, а имаат и талентирани играчи како Ибраими. Сепак се зависи од нас“, изјави Монтела.

Милан има одредени проблеми со офанзивниот дел, во моментов нема класа шпиц, иако тука се Нијанг; Сусо и Кутроне. 

Првиот дуел се игра утре на „Сан Сиро“ од 20,45 часот, а реваншот е во Скопје за една недела.