Славниот шпански голман Икер Касиљас утрово доживеал срцев удар, пренесуваат португалските медиуми. Касиљас почувствувал болка на тренингот во Порто и итно бил префрлен во болница каде било констатирано дека претрпел миокарден инфаркт.

Според првичните информации, животот на голманот не е во опасност, но нема да настапува за Порто до крајот на сезоната. 

Икер Касиљас има 37 години, а стана славен како голман на Реал Мадрид за кој настапуваше од 1999-2015 година. Со тимот на Реал освои сè што можеше да се освои: пет титули Прваци на Шпанија, четири суперкупа, три титули во Лига на шампиони, два Европски суперкупа и многу други.

Со репрезентацијата на Шпанија има две шампионски титули во Европа (2008 и 2012) и една титула на светски првак (2010). Рекордер е во Шпанија со изиграни 167 натпревари во националниот дрес. Од 2015 година го носи дресот на Порто, со кој оваа сезона го продолжи договорот на уште една година, со опција истиот да биде и понатаму продолжен. 

Касиљас е во брак со спортската новинарка Сара Карбонеро со која има две деца – петгодишниот Мартин и двегодишниот Лукас.

Легенда на шпанскиот фудбал и Барселона, Карлес Пујол го искажа својот став за престојната пресметка меѓу неговиот поранешен клуб и Ливерпул во полуфиналето на Лигата на шампионите.

Легенда на шпанскиот фудбал и Барселона, Карлес Пујол го искажа својот став за престојната пресметка меѓу неговиот поранешен клуб и Ливерпул во полуфиналето на Лигата на шампионите.

Тие средби се играат на почетокот на наредниот месец, а според Пујол тие битки ќе бидат вистински празник на фудбалот, дуело кои посакуваат да ги видат сите вистински љубители на оваа игра.

-Тоа ќе биде навистина тешко полуфинале против Ливерпул затоа што тие имаат одлична сезона, но навивачите сакаат сакаат да видат вакви натпревари, за тоа е и Лигата на шампионите. Играчи доаѓаа и си заминуваа, ама стилот на Барселона остана ист. Тие имаа одлична генерација на играчи која постигна неверојатни резултати. Најважно е амбицијата на клубот да продолжи да прави историја, -рече Пујол кој нема дилеми дека Лионел Меси е најдобриот играч во историјата.

-Тој игра на неверојатно ниво. За мене, тој е најдобриот играч во историјата на оваа игра. Тоа го покажа од сезона во сезона и можете да видите како неговата игра еволуираше, сите работи што сега ги прави. Можете да видите дека тој се подобрува секоја година со нови атрибути што ги донесе во неговата игра. Се подобри на секој начин и прави чекор напред на лично ниво. Отсекогаш бил лидер на терен, но сега може да се види дека е лидер на и надвор од теренот. Тој е интровертна личност, но сега може да се види дека како капитен ја води Барселона.

Сеха лигата во следната сезона ќе брои 12 екипи кои ќе бидат поделени во две групи е одлуката на собранието на лигата. Во наредната сезона екипите ќе бидат поделени во две групи со по шест тима како би се намалил бројот на натпревари кои ги игра една екипа во сезоната.

– Вчера имавме собрание на лигата и донесовме неколку значајни одлуки со кои мислиме дека ќе ја унапредиме лигата. Од наредната сезона ќе се натпреваруваат 12 екипи во две групи по шест, вкупниот број на натпревари ќе биде 14 со што ќе им се олесни на клубовите за да можат да играат и европски купови и национални првенства – вели Михајло Михајловски, претседателот на СЕХА лигата.

СЕХА лигата, наредната сезона ќе биде посилна за добро познат клуб, унгарскиот Веспрем. Веспрем два пати триумфираше во СЕХА, 2015 и 2016 година, додека во 2017 година загуби во финалето од Вардар.
„Со големо задоволство потврдувам дека Веспрем се враќа во СЕХА-лигата. Од клубот увидоа дека им е потребно регионалното натпрреварување и го потврдија учеството за следната сезона. Поточно потпишаа договор на три години“ вели Михајловски.

Според Михајловски, освен Веспрем можно е враќање и на Целје, додека Горење нема доволно квалитетен тим, а во блиска иднина не е исклучено и приклучување на екипи од Романија или од Турција.

Како никогаш досега во последните години Англија се соочува со инвазија на навивачи кои влетуваат во теренот и ги прекинуваат натпреварите.

По немилите сцени минатиот викенд кога нападнат беше Џек Грилиш од Астон Вила, а во проблеми се најде и Крис Смолинг на натпреварот против Арсенал, и оваа сабота се случија неколку одвоени инциденти.

Седум навивачи на Њукасл се уапсени поради попречување на натпреварот против Борнмут, а меѓу нив најмладиот има само 14 години. Медиумите во Англија пренесоа дека еден од редарите на стадионот е повреден по ваквиот инцидент.

И на натпреварот против Свонси и Манчестер Сити тројца играчи влетаа на теренот и истите веднаш се приведени.

Англиските власти мора да размислат и да го решат овој горлив проблем кој доколку продолжи, може да ескалира. Познато е дека фановите на Островот важат за најжестоки во светот, па лесно може да дојде до инцидент од поголеми размери.

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез си го врати доброто расположение по враќањето на Зинедин Зидан на чело на „белите“. Реал ќе испрати сезона без трофеј, но веќе гледа со ентузијазам кон иднината. Веднаш по претставувањето на Зидан на „Сантијаго Бернабеу“, Перез се појави на добротворен настан во шпанската престолнина. Тој веднаш беше „нападнат“ од новинари со прашања во врска со клубот.

– Меѓу Реал Мадрид и Зинедин Зидан има љубовна приказна која трае веќе 18 години. Тој е човек кој предизвикува ентузијазам, не само во Шпанија туку и во целиот свет. Ги видов реакциите во странство и се уверив во тоа. Промени во Реал ќе има, но за револуција е пресилно да се зборува. Сега најважно е да ја завршиме сезоната и да се подготвиме за следната, прокоментира Перез.

Тој индиректно ја отфрли можноста за враќање и на Кристијано Роналдо на „Сантијаго Бернабеу“.

– Кристијано е таму каде што е и справува многу добро, рече Перез

На прашањето за можноста да го привлече Килијан Мбапе од Париз Сен Жермен, шефот на „белите“ одговори вака: „Зидан е Французин, тој може да направи нешто во врска со тоа“.

За крај, тој беше замолен да направи избор меѓу Мбапе и неговиот соиграч во ПСЖ Нејмар.

– И двајцата, одговори Перез, пред да се приклучи на настанот организиран од Естебан Гранеро.

Хуан Фернандо Кинтеро беше џокерот на Ривер Плата во големото Суперкласико финале кое се одигра во Копа Либертадорес и тој и пресуди на Бока Јуниорс во незаборавната пресметка на „Сантијаго Бернабеу“, а дека фантастичниот колумбиски репрезентативец има страшна левица ни докажа и на синоќешното дерби во аргентинското првенство.

Ривер Плата успеа да го победи лидерот Расинг со 2:0 на домашен терен, а вистинска лудница на „Монументал“ настана во 31-та кога Кинтеро постигна гол од слободен удар каков што ретко се гледа. Кинтеро го погоди вистинското место од голема далечина и во ситуација кога изгледаше дека има навистина тежок агол, а неговото ремек-дело го фрли во транс и аргентинскиот коментатор кој порача дека има „демонска левица“.

Овој погодок стана апсолутен хит на социјалните мрежи, а голем дел од фановите се уверени дека ова експресно влегува во топ пет најдобри голови од слободен удар во историјата на фудбалот…

Од таборот на Тотенхем и официјално потврдија дека постигнале договор со кинескиот клуб Гвангжу за трансферот на Муса Дембеле.

Белгискиот интернационалец се приклучи на „Петлите“ во 2012 година од редовите на Фулам и од тогаш се наметна како клучен играч во првиот тим.

Се почестите повреди во последниов период го оддалечија од првиот тим, па интересот од Гвангжу дојде одлично и за двете инволиврани страни.

Сега, медиумите во Англија ги пренесуваат можните наследници на белгискиот интернационалец во редовите на Тотенхем. Нашиот репрезентативец, Елиф Елмас е меѓу имињата кои се поврзуваат со трансфер во Лондон.

Жозе Мурињо во вторникот беше разрешен од управата на Манчестер Јунајтед и со самото тоа беше ставен крај на неговата две иполгодишна авантура на „Олд Трафорд“, период кој португалскиот стручњак сигурно ќе го памети по двете освоени титули, но и по сериозните критики кои мораше да ги трпи од јавноста, а особено од поранешните легенди на клубот.

Жестоката и непоправлива атмосфера која настана во соблекувалната на крајот резултираше со отказ за искусниот португалски стручњак, кој на денот кога Манчестер Јунајтед оствари висока победа од 1:5 на гостувањето кај Кардиф, беше актуелен во својата родна земја каде се појави на натпреварот на Сетубал.

 

Мурињо е роден во овој град и во присуство на својот тим го проследи првенствениот меч на Сетубал во првата португалска лига, но мора да се напомене дека присуството на Жозе не им донесе среќа на домашните фудбалери кои загубија со 0:2. Искусниот стручњак секако беше атракција на трибината, а даде и изјава за домашните медиуми преку која испрати нова порака до фановите на Јунајтед.

 

– Неизмерно сум горд што го претставува грбот на Манчестер Јунајтед. Тоа беше така уште од првиот ден кога пристигнав и верувам дека сите навивачите на Манчестер Јунајтед ќе го признаат и ќе го почитуваат тоа. Како што беше случај и со моите претходни клубови, работев со прекрасни луѓе и верувам дека ќе ми останат пријатели до крајот на животот. Знам дека вие новинарите саката да ги знаете моите професионални принципи. Секогаш кога една етапа е завршена, покажувам неизмерна почит и не давам изјави за клубот кој сум го напуштил. Се надевам дека и јавноста ќе го почитува тоа и дека ќе ме остави да имам нормален живот додека не му се вратам на фудбалот. Дотогаш, ви посакувам среќен Божиќ на сите, – порачал Мурињо.

Оваа година заврши едно од најдобро организираните Светски првенства во историјата на фудбалот. Русите се покажаа како одлични домаќини и ги прибраа сите пофалби од целиот свет. Сега на ред доаѓа Катар, кој во 2022 година ќе биде домаќин на фудбалскиот Мундијал. Катарците ќе испишат историја со тоа што ќе бидат првата земја од арапскиот свет која го организира планетарниот фудбалски собир. Сепак тие сакаат да бидат и првата земја која ќе испише историја во секоја категорија, од публика и посетеност, приходи и заработка, екстрагавантост и луксуз.

Алжирскиот голман во Вардар, Гедбан Калифа е среќен во Скопје, вели дека многу брзо се прилагодил на градот и веднаш се чувствува како дома. 

Иако од неодамна е во Вардар, Гедбан Калифа многу брзо се прилагоди на животот во Скопје. Во интервју за официјалната страна на Вардар тој го истакнува тоа.

„Ми се допаѓа многу Скопје. Луѓето се тука многу гостопримливи и веднаш ме прифатија сите, како во клубот така и надвор од него. Го сакам градот многу и веќе го чувствувам како свое. Буквално не се чувствувам како странец“, вели Калифа.

„За мене беше многу тешко да се промени државата и беше огромен предизвик да дојдам во Вардар. Бев многу возбуден... Морам да истакнам дека играчите и луѓето што работат во клубот ми помогнаа за брзото прилагодување“.

Тој смета дека Вардар ги има најдобрите навивачи во Европа.

„Јас мислам дека атмосферата е најдобра во цела Европа. Вардаровите навивачи се број 1, и во Европа и кога имаш вакви навивачи, многу е полесно да победиш. Тука ракометот е многу популарен и веднаш ме препознаваат на улица“.

Top