Аврамовска: По три бронзи, сезонава го заслуживме и златото

Девојките од Ново Лисиче Вардар, шампионите во женска категорија во генерацијата 2004/05 се одличен пример како децата се развиваат и ја унапредуваат ракометната игра и вештините во текот на натпреварувачката сезона во Вардар Јуниор лигата. На среќата и немаше крај по победата во финалето, а патот до тука, според нивниот тренер Марија Аврамовска бил напорен и со многу работа, а ова е прво злато по три освоени бронзи.

Девојчињата уште од почетокот покажаа дека се сериозен конкурент, но, во текот на годината не успеваа да се наметнат над силната конкуренција во нивната група. На зимскиот турнир „Еден живот, една љубов" во јануари годинава го освоија третото место, но овој пат во финалето го победија тогашниот шампион Кале Вардар од Кичево.

Имате одлична екипа, пожртвувани девојки кои во текот на годината ги видовме како напредуваа. Во континуитет сте меѓу најдобрите, но оваа сезона од лигата сте најдобри во генерацијата 2004/2005. Какво е чувството сега?

-Чувството е прекрасно. Три пати по ред освојувавме бронза и заслужено стигнавме до златото. Многу работевме. Во текот на целата година вложивме напор и многу труд. Оваа година решивме дека во Вардар Јуниор лига одиме на злато и со девојките работевме по пет часа неделно, односно имавме дополнителни термини. Заедно, сплотени со сите девојчиња успеавме.

Колку години работи вашата ракометна школа, и колку години ги подготвувавте девојчињата за успехот?

-Ракометната школа работи пет години и заедно ја водиме со Анжела Платон. Со оваа група девојчиња работиме веќе три – четири години во континуитет. Се посветија на тренингот, како и натпреварите и резултатите се гледаат. Научија зашто сакаат да научат. Многу нѐ слушаа, ги примаа советите, а и борбеноста помогна. Кондиционите тренинзи помогнаа. За секој натпревар се договаравме и се подготвувавме посебно, како ќе играме одбрана и напад, како ќе се движиме, и ротиравме со сите деца. Влегоа на терен сите деца, и оние кои беа резерва на клупа и сите несебично се дадоа. Некако одевме заедно на тоа прво место.

Имате ли планови за следната година?

-Во јули имаме припреми, а од септември повторно се враќаме во Вардар Јуниор лигата. Се надевам дека жарот ќе продолжи да ја одбраниме титулата.

Со кои генерации се враќате следната година во лигата?

-Со 2006/07 и 2004/05 година, додека со 2002/03 завршивме на петтото место годинава. Дел од девојките кои настапуваа со таа генерација беа од 2004/05, но фокусот ни беше да дадеме максимум во 2004/05 и бевме концентрирани на успех со оваа генерација.

Задоволни ли сте од организацијата на Вардар Јуниор лигата?

-Со секоја помината година расте и искуството во организацијата. Сѐ помина како што треба, децата се задоволни, родителите, како и ние тренерите. Спортот е борба, секогаш да се биде најдобар. Годинава сме ние, но сите секогаш се бориме за подобри резултати. 

Top