Ова се случува за првпат: Сите играа во иста група, и ќе играат заедно и во Келн на Ф4

Четирите екипи кои годинава ќе се борат за трофејот во Лигата на шампионите првпат во историјата на Ф4 турнирите доаѓаат од иста група. Тимовите на Вардар, Барселона, Веспрем и Келце играа во групата А и успеаја да го направат она во кое ретко кој можеше да поверува пред почетокот на елиминациите и сите да се изборат за уште по два меча до крајот на сезоната во Лигата на шампионите.

На табелата во Групата А веќе е познато дека Барселона беше првопласирана со 24 бода. Четири помалку имаше Веспрем, а Вардар беше третопласиран со 19 поени. Келце со 14 заврши позиција под Вардар, но благодарение на подобриот меѓусебен дуел со Рајн Некар.

Овие четири екипи ќе имаат можност да се борат и во Келн, но кој против кого ќе одлучи ждрепката. Јасно е дека нема добра ждрепка за никого и дека никој не може да се надева на позитивен епилог.

Од годинешните пресметки Вардар може да се пофали дека има победа против Веспрем од гостувањата и против Келце на домашен терен. Загуби на двата меча со Барселона, како и на гостувањето во Полска и дома против Веспрем.

Сепак, овие резултати нема да имаат никакво значење бидејќи на 1 и 2 јуни ќе се работи за две различни средби од по 60 минути.

Она што во моментов е најважно е дека овие четири екипи кои се пласираа на Ф4 турнирот играа во иста група и ќе можат уште еднаш да се пресметаат во сезоната и да покажат кој најдобро ја темпирал формата.

Top