Калифа: Тука атмосферата е најдобра во цела Европа, навивачите на Вардар се број еден!

Алжирскиот голман во Вардар, Гедбан Калифа е среќен во Скопје, вели дека многу брзо се прилагодил на градот и веднаш се чувствува како дома. 

Иако од неодамна е во Вардар, Гедбан Калифа многу брзо се прилагоди на животот во Скопје. Во интервју за официјалната страна на Вардар тој го истакнува тоа.

„Ми се допаѓа многу Скопје. Луѓето се тука многу гостопримливи и веднаш ме прифатија сите, како во клубот така и надвор од него. Го сакам градот многу и веќе го чувствувам како свое. Буквално не се чувствувам како странец“, вели Калифа.

„За мене беше многу тешко да се промени државата и беше огромен предизвик да дојдам во Вардар. Бев многу возбуден... Морам да истакнам дека играчите и луѓето што работат во клубот ми помогнаа за брзото прилагодување“.

Тој смета дека Вардар ги има најдобрите навивачи во Европа.

„Јас мислам дека атмосферата е најдобра во цела Европа. Вардаровите навивачи се број 1, и во Европа и кога имаш вакви навивачи, многу е полесно да победиш. Тука ракометот е многу популарен и веднаш ме препознаваат на улица“.

Top