„Тиквеш“ е нов спонзор на Црвена Ѕвезда

Винарската визба „Тиквеш“ од денеска е дел од спонзорскиот тим на фудбалскиот, кошаркарскиот како и на спортското друштво Црвена звезда, објавија денеска од таборот на белградскиот гигант.
Македонската компанија потоа потпиша три различни договори со трите субјекти на црвено-белите и тоа со Петар Шкундриќ во име на спортското друштво, Светозар Мијаиловиќ во име на фудбалскиот и Небојша Човиќ во име на кошаркарскиот колектив.

„Би сакале да му изразиме посебна благодарност на Светозар Јаневски, сопственикот и директор на компанијата М6 која стои позади „Тиквеш“ што препозна голема можност за заедничко делување преку најголемиот српски и регионален бренд – Црвена звезда“, изјави Шкундриќ.

Во име на „Тиквеш“ пред медиумите се обрати генералниот директор Радош Вукичевиќ.

„Нашиот мотив за соработка со Црвена звезда е фактот што делиме исти вредности. Тоа е традицијата, константата во квалитет и амбициите да бидеме први во регионот, но и први во Европа. Се надевам дека заеднички ќе се искачиме на европскиот кров“, изјави Вукичевиќ.